Студенти од социјално загрозени семејства добија ваучери за набавка на компјутерска опрема

На студенти од завршна година кои потекнуваат од социјално загрозени семејства денеска на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ им беа доделени ваучери за набавка на компјутерска опрема.

На Скопскиот универзитет ќе бидат врачени вкупно 270 ваучери, а на ниво на цела држава 693 ваучери. Ваучерите се во висина од 15.500 денари, а им се доделуваат на студенти од социјално загрозени семејства чии вкупни приходи се под 12.000 денари.

Ваучерите симболично на неколку студенти им ги врачи министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.  

- Ваучерите се доделуваат по трет пат откако првите два проекти се покажаа многу успешни бидејќи придобивката од овој проект не е само на студентите, туку и на приватниот сектор. По барање на коморите и годинава Владата преку Министерството за информатичко општество успеа да издвои финансиски средства за да се спроведе овој проект, истакна министерот Ивановски.

Најави дека со измените на Законот за издавање на вредносни ваучери, усвоени на последната владина седница, ќе им се даде можност на сите студенти приматели на социјална заштита да аплицираат за добивање на вакви ваучери. Новина ќе биде и тоа што ваков ваучер ќе може да добие студент од семејство чии приходи се под 15.000 денари. Парите што ќе му останат на студентот по набавка на компјутерска опрема, ќе може да ги искористи за набавка на широкопојасен интернет.

Проектот за доделување на ваучери за набавка на компјутерска опрема се дел од последниот социо-економски пакет на Владата. Досега вакви ваучери се доделени во 2007 и 2008 година.