Министерот Тодоров на вежба-симулација на тешка сообраќајка кај Тополчани

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска, во пелагониското село Тополчани, во придружба на градоначалникот на општина Битола Владимир Талески, присуствуваше на вежба-симулација на тешка сообраќајна несреќа.

Во акцијата организирана и координирана од Министерството за здравство беа вклучени МВР, Центарот за управување со кризи, здравствените домови од Битола и Прилеп, територијалните противпожарни единици и Црвениот крст.

Тие ја изведоа симулацијата на незгода меѓу автобус што превезува деца и товарно возило цистерна, во која има поголем број на повредени лица.

- Ваков тип вежби во организација на Министерство за здравство од здравствен аспект не се организираат никаде на Балканот и затоа се заблагодарувам на СЗО која силно не поддржува во напорите да ги согледаме сите можни пропусти што се случуваат на вакви настани и со цел пропустите да ги забележиме, да ги научиме и да недозволиме да ни се повторуваат во реални ситуации, истакна министерот Тодоров.

Тој искажа задоволство од организирањето на вежбата и пристапот на сите екипи задолжени да дадат прва помош на повредените лица, примената на стандардните процедури и придонесот на младите волонтери од Црвен крст кои имаа улога на повредени лица, реакции во панична ситуација и други непогоди.

- Сите учесници одговорија на тоа што треба да го сработат во рамки на планираното време. Не велам дека од тоа што го констатиираа стручните екипи немаше пропусти, но затоа и ги правиме овие вежби, да не се дозволи тие да се повторат во реални ситуации. Оваа, трета вежба-симулација воедно е најголема, а во наредниот период, можеби до крајот на годината, планираме да направиме уште една вежба со новите амбулантни возила и целата опрема што ја имаат. Очекуваме брзината на интервенција да се зголеми но и да ја воочиме разликата меѓу променетите капацитети, посочи Тодоров.

Спред Марија Кришман, шеф на Канцеларијата на Светската здравствена организација во Република Македонија, денешната вежба во Тополчани е успешна и ги оправда очекувањата. 

-Ова е една од поуспешните вежби направени на целата балканска територија бидејќи вклучува две општини и други институции кои одлично дејствуваа. Високо ја цениме нашата соработка со Министерството за здравство и целата Влада и сметаме дека претставува пример за активностите во регионот, истакна Кришман.