Груевски: Градоначалникот на Скопје треба да биде одбран врз основа на направеното

Премиерот Никола Груевски смета дека е излишно да се дебатира дали Јани Макрадули од СДСМ е добар кандидат за градоначалник на Скопје, бидејќи за тоа треба да одлучи народот, но, сепак, посочува колку е некој добар кандидат треба да се суди според неговите дела од минатото.

- Макрадули е можеби 15 и повеќе години во политиката и треба да се видат неговите дела, што тој направил за граѓаните и да се споредат со противкандидатот или противкандидатите. Ако Коце Трајановски е кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, треба да се споредат неговите дела од целокупното негово делување  во изминатите четири години и делата на Јани Макрадули и да се заклучи каков кандидат е тој и што направил во минатото за да се верува на неговите ветувања, рече Груевски.

Тој смета дека граѓаните ќе донесат правилна одлука која е најдобра за самите нив, а не за која било партија. - Тие треба да размислат кои луѓе правеа широки булевари, реконструкции на улици, проекти кои целосно го променија градот во правец на поефикасен сообраќај. И да размислат што направиле другите опции во својот мандат кога имале можност и доверба, посочи премиерот Груевски по промовирањето на лабораторија за молекуларна дијагностика на Медицинскиот факултет во Скопје.