Груевски: Буџетот е со највисоки капитални инвестиции, пензии и субвенции

Предлог-буџетот за 2013 година има највисоки капитални инвестиции, пораст на пензиите и на субвенциите во земјоделството. Премиерот Никола Груевски изјави дека тој е внимателно направен и добро избалансиран во околности на длабока европска должничка криза која се одразува и во Македонија.

- Тој е вистински одговор на кризата во Европа која има рефлексии во Македонија. Правејќи го буџетот внимававме на сите значајни категории на буџетски корисници, но и на различни сегменти во буџетот. На пример, капиталните расходи кои се исклучително важни за едно стопанство растат за 10,5 отсто во следната година и тоа е веќе тренд во минатите години во кои секоја година имаме зголемување на капиталните инвестиции. Тоа ќе има влијание врз севкупната економија, на нејзиниот раст, рече Груевски по отворањето на Лабораторија за молекуларна дијагностика.

Меѓу капиталните проекти што ги најави шефот на Владата во следната година е изградба на делница на автопатот „Александар Македонски“ кај Демир Капија-Смоквица, ивестиција вредна 220 милиони евра, деновиве ќе почне реконструкција на железницата, а наскоро се очекува и потпишување договор за гасификација.

- Втора значајна работа е што внимававме на социјалниот дел, кој е многу значаен за огромна категорија граѓани и од тој аспект не само што остануваат придобивките кои досега постоеја, туку имаме зголемување на пензиите за 5 отсто од март, зголемување на социјалните помошти, исто така за 5 отсто. Кај пензиите ќе бидат и плус 2 отсто за прилагодување, како и разлилчни други потреби за оние луѓе на кои им е најтешко.  Следната година ќе имаме историски највисоки субвенции за земјоделците во Македонија од 135 милиони евра, нешто што не е забележано никогаш во историјата на Македонија, рече Груевски.