Груевски: Новите странски инвестиции носат нови вработувања

Седумте крупни странски инвестиции, фабриките и производствени капацитети кои почнаа да работат во  септември и октомври ќе отворат нови работни места, а ефектот е повеќекратен зашто ќе поттикнат  вработувања во други компании, истакна премиерот Никола Груевски одговорајќи на новинарски прашања. 

- Имаме седум крупни инвестиции и тоа е добар тренд ако се спореди со некои минати времиња, на пример кога СДСМ беше на власт, кога тешко може да се избројат седум инвестиции во целиот мандат на нивното владеење. Ќе направиме се што е во наша моќ тоа да продолжи. Тоа е тренд кој ќе даде можност да се вработат многу луѓе во овие капацитети. Исто така, овие фабрики ќе им дадат работа и на други компании кои ќе бидат нивни подизведувачи, партнери или од нив ќе добавуваат делови за нивното производство, рече Груевски.

Тој нагласи дека инвестициите се резултат на огромните напори на Владата за привлекување инвестиции, домашни или странски, роуд-шоата што ги организира во другите држави, работата на разгранетата мрежа на инвестициски промотори кои опозицијата, како што рече, толку многу ги напаѓала.  

- Ова што го говорам најдобро ќе го почувствуваат луѓето што ќе работат во тие фабрики, додаде Груевски.

Во изминатите два месеца почнаа со работа: Продис, Текнохосе, Скопје сити мол, Кемет електроникс, нова инвестиција на „Арчелор митал“, VPTEX, Бионика фармацеутикалс.