Груевски: Плаќањето по учинок во здравството е дел од владината програма

Премиерот Никола Груевски денеска изјави дека Владата останува на ставот во однос на проектот за плаќање по учинок во здравството.

- Плаќањето по учинок е една од клучните мерки во делот на здравството која што ја презентиравме преку нашата програма пред изборите во 2011 каде што мнозинството граѓани дадоа најголема доверба и ние сега таа програма ја спроведуваме. Се друго вчера министерот кажа и тоа е ставот на Владата и нема што да додадам повеќе, рече Груевски по промовирањето на лабораторија за молекуларна дијагностика на Медицинскиот факултет во Скопје запрашан за најавата за нов штрајк на лекарите.

Министерот за здравство Никола Тодоров, кој исто така присуствуваше на пуштањето во употреба на лабораторијата, рече дека и со најавата за вториот штрајк од страна на Самостојниот синдикат на Клиничкиот центар повторно не се во право, оти и овој штрајк е незаконски и оти жали што, како што рече, имаат правници кои ги советуваат погрешно околу обврската за внесување на сработеното во системот.

- Ги советуваа погрешно и кога го закажуваа првиот протест за кој што се покажа и во една судска постапка се докажа дека сум бил во право кога сум тврдел дека штрајкот што го организирааат е незаконски. Тие таа судска одлука ја обжалија, а Апелација практично ја потврди. Има одлука на Судот дека штрајкот  е незаконски и зошто штрајкот е незаконски е наведено во одлуката на Судот која што е потврдена и од Апелација, посочи Тодоров.

Тој вели оти не гледа никаква промена во начинот на кој што е донесена одлуката за штрајкот.

-Сега гледам дека има нова одлука, па примам некои исправки, самите се исправаат, претходната одлука ја укинаа, со што практично признаа дека била незаконска. Има судска процедура, која е во тек и на која треба да се појават на рочиште, да образложат за одлуката што ја донеле. И покрај тоа тие организираат протест, организираат штрајк. Прво не може да биде генерален, тоа го објаснувам затоа што не се гранков синдикат. Има закони во државата и тие треба да се почитуваат, порача министерот за здравство Никола Тодоров.