Груевски: Остануваме на ставот за прашањето за законот за бранителите

Нема промена по прашањето за Предлог-законот за бранителите, изјави денеска претседателот на Владата Никола Груевски.  

- Нашиот став во однос на законот на бранители го кажавме. Тој е јасен, дециден и немаме промени по тоа прашање. Ние сметаме дека тој закон е добар, дека тој закон помага на една категорија на луѓе кои своите животи ги ставија на браникот на одбраната на татковината во време кога таа беше нападната, загрозена... И тие луѓе и сега имаат таков закон, значи таков закон веќе постои, така што секој кој вика дека не е уставен или е против некого нема аргументи затоа што тој веќе постои со години. Меѓутоа, сега вршиме подобрување на тој закон, односно зголемување на бенефициите на бранителите. Од тој аспект ние немаме промена на ставот и ќе направиме се што е во наша моќ тој закон да помине, истакна денеска премиерот Груевски.

Во врска со тоа дали ваквиот став ќе предизвика криза во коалицијата, претседателот на Владата рече дека секое спротивставување во една коалиција, секое различно мислење на некој начин има едно негативно влијание.

-Меѓутоа животот е таков, ние не можеме да се согласиме за се. Доколку одредена политичка партија во моментот смета, по мене неоправдано, дека нешто е против некого и тоа е грешно, се разбира, ние не можеме тоа да го објасниме на никаков поинаков начин  од она што го објаснуваме. Значи, станува збор за закон кој што треба да даде поголема поддршка на одбранбените сили на државата кои ја бранеа државата во едно критично време. И тој закон не е против никого. Никому не му одзема некакво право или не му одзема што било, тој закон само дава поголеми права од оние кои веќе ги имаат на бранителите од периодот од 2001 година, изјави премиерот Груевски.