Средба на министерот Попоски со Генералниот секретар на Советот за Регионална Соработка, Свилановиќ

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, денеска во Скопје, оствари средба со Горан Свилановиќ, новоименуваниот  Генерален секретар на Советот за Регионална Соработка во Југоисточна Европа, со седиште во Сараево.

Во фокусот на разговорите беа прашањата за натамошниот развој и унапредувањето на регионалната соработка, како и за актуелните состојби во регионот и заедничкиот напредок кон европските и евроатлантските интеграции. 

Свилановиќ,соопшти денеска МНР, бил особено заинтересиран за актуелниот македонски календар и приоритетите на претседавањето со ПСЈИЕ, во периодот до јуни 2013 година, кои беа оценети како сеопфатни и рефлектирачки во насока на подобрување на регионалната соработка.

Министерот Попоски ја истакнал силната желба на Република Македонија за континуирано градење добрососедски односи и иницирање на конкретни проекти од особено значење за регионот. Со оглед на темата предложена од страна на Република Македонија за завршниот Самит на шефови на држави и Влади на земјите членки на ПСЈИЕ, во јуни наредната година, во Охрид, за промоција и развој на концептот за заштита и превенција од катастрофи и влијанието на климатските промени, Попоски искажа надеж дека ова ќе претставува одлична пракса за идните претседавања и потребата од тематски самити.

На средбата била договорена и зголемена комуникација во насока на подготовка на новата работна програма на Советот за Регионална Соработка за периодот 2014-2016 година.

Во рамки на соработката се разговарало и за идните можности и планови на новиот Генерален Секретар на Советот за Регионална Соработка и неговата улога во алокација на средства за реализација на проекти и планови кои имаат широка регионална примена.

За време на средбата шефот на дипломатијата Попоски во улога на претседавач со ПСЈИЕ и новоименуваниот Генерален Секретар потпишаа заеднички официјален договор за ангажирање на Горан Свилановиќ на оваа високо рангирана политичка функција во регионот на ПСЈИЕ.