Груевски: Граѓаните имаат доверба во нас и масовно предлагаат идеи

Одѕивот на граѓаните на повикот на ВМРО-ДПМНЕ да дадат свои идеи и предлози за програмите на партијата за локалните избори е голем. Тоа е резултат на нивната доверба во партијата и нивната верба дека голем дел од нив ќе бидат прифатени и што е најважно реализирани, што ја црпат од досегашните искуства, изјави премиерот Никола Груевски.

Тој појасни дека партијата добила многу идеи од граѓаните, кои во голем број дошле на  отворените пунктови на ВМРО-ДПМНЕ и ги дале своите предлози.

- Одѕивот беше огромен затоа што со граѓаните имаме воспоставено однос во кој тие веруваат, дека голем дел од тие идеи што ќе се предложат имаат сериозни шанси да бидат прифатени од наша страна и што е најважно реализирани, рече македонскиот премиер.

Додаде дека таа нивна верба се темели на искуството од минатото бидејќи, како што рече, многу идеи кои биле предложени од граѓаните биле прифатени и реализирани.

Груевски информира дека партијата ја привршува подготовката на програмите, од партиски аспект.

- Во оној момент кога ќе бидат избрани кандидатите, ние ќе ги споредиме нивните програми со нашите и ќе направиме микс на тие програми. Најдоброто и од едните и од другите ќе го избереме заедно во соработка со избраниот кандидат и тоа ќе биде конечната партиска програма за одредена општина, рече премиерот.

Сега, додаде премиерот, партијата е во завршна фаза на сумирање на сите идеи. На нив за секоја општина работат посебни стручни тимови. Штом тоа ќе биде завршено, најави Груевски, ќе се премине на избор на кандидати за локалните избори.