Груевски: СДСМ фингира непостоечки случаи и бара алиби за поразот

Обвинувањата од страна на СДСМ дека ВМРО-ДПМНЕ во Ресен фалсификува лични карти и државјанства во пресрет на локалните избори за премиерот Никола Груевски се барање алиби од страна на Бранко Црвенковски за поразот на изборите.

- Нема такво нешто. Мислам дека ако го анализираме минатото секогаш Бранко Црвенковски кога се наоѓаше пред пораз и кога беше свесен дека ќе ги изгуби наредните избори бараше алиби уште пред да се случи тоа. Некогаш му беше крив законот, сега му се криви Македонци од Пустец, утре ќе му биде крив некој друг од дијаспората или не знам кој, така што тоа е стилот на Црвенковски кога се соочува со пораз, рече премиерот Никола Груевски одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на лабораторија на интелигентна роботика на ФИНКИ.

Црвенковски, додаде премиерот Груевски, не сака да го признае поразот, и затоа или го префрла на партиските луѓе или на некој друг субјект, личности.