Промовирана монографијата „Скопје и Старата скопска чаршија“

 „Матица македонска“ денеска во галеријата Чифте амам ја промовираше монографијата „Скопје и Старата скопска чаршија“ приредена од Раде Силјан. Богато илустрираното издание е своевиден информативен водич за главниот град низ неговата 2.000-годишна историја, од населба во 3 век п.н.е. до современа метропола.

Визуелно и низ текст се опишани најзначајните историски настани и архитектонските специфичности, стилски разновидни градби, вклучувајќи ги и најновите од проектот „Скопје 2014“. Автор на текстот е историчарот на уметноста Коста Балабанов, а ликовното уредување е на Кочо Фидановски.

Промовирајќи ја монографијата, министерката за култура Елизабета-Канческа-Милевска рече дека Старата скопска чаршија е јадро и симбол на Скопје и негово најавтентично место во кое низ вековите се вкрстувале култури, традиции и стилови.

- Простор во кој секој се чувствува како дома зашто е заедничко богатство и поради тоа е заедничка и одговорноста за враќање на нејзиниот сјај. И оваа книга е придонес кон тоа, таа е водич за нашата приказна и за нашето траење, рече Канческа-Милевска.

Потсети дека Министерството го донесе и Законот за ревитализација на Старата скопска чаршија, конзерваторски се третирани објекти, направена е безбедносна заштита на спомениците, уредување и осветлување, а со одлука на Владата се отстапуваат простори за негување на стари занаети. Меѓу нив е и Безистенот кој му беше доделен на користење на Друштвото на  уметници на Македонија (ДЛУМ).

Министерката за култура рече дека ќе продолжи расчистувањето на имотно-правните прашања за доделување простори и на други субјекти и во оваа пригода таа врачи две нови одлуки - на Здружението на филигранисти на Македонија и на Здружението на граѓани „Женски форум“ од Тетово.

За монографијата зборуваше и академик Паскал Гилевски кој, меѓу другото, рече дека Скопје отсекогаш било инспирација на многу патописци, но и на повеќе македонски писатели кои за градот дале свои поетски и прозни прилози, како Гане Тодоровски и Славко Јаневски.

-Секој град има своја судбина, но ретко кој град има бурно минато како Скопје. Потребни се томови за да се напише летописот за овој денеска главен град на државата, додаде Гилевски.