Министерот Никола Попоски се сретна со косовскиот амбасадор Илбер Хиса

Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски денеска го прими амбасадорот на Република Косово во Скопје Илбер Хиса.

МНР соопшти дека на средбата е изразено задоволство од позитивниот тренд во развојот на билатералните односи, како и од заложбите на двете страни за продлабочување на економската соработка и реализација на инфраструктурните, енергетските и инвестициските проекти.

Беа разменети мислења за евроинтегративните процеси на двете земји, при што Попоски подвлече дека Република Македонија е подготвена да ги пренесе своите искуства во повеќе области, а особено во локалната самоуправа, процесот на децентрализација и др.

Министерот Попоски изрази поддршка за продолжувањето на политичкиот дијалог на Белград – Приштина и нагласи дека изнаоѓањето трајни решенија за одредени состојби кои ги оптоваруваат односите меѓу соседите е можно единствено само преку континуиран разговор и градење мерки на меѓусебна доверба, се вели во соопштението од МНР.