Mожностите на супер компјутерот на ФИНКИ претставени пред бизнис заедницата

На Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство (ФИНКИ) денеска пред претставници на бизнис заедницата беа претставени  можностите за користење  суперкомпјутерот во индустријата и во науката.

- Идејата е преку реални  примери како се користи во различни индустрии во светот да и се објасни на нашата  индусустрија и на институциите  за можностите кои  ги нуди оваа современа технологија за промена на начинот на користење  на компјутерите и за промена на начинот на кој се одвиваат бизнис процесите во компании и во институциите, изјави Димитар Трајанов, декан на ФИНКИ.

Во изработката на суперкомпјутерот, поставен во Лабораторијата за пресметување со високи перформанси, се вложени милион евра. Во неговото конструирање учествуваа тимови од ФИНКИ и компаниите Неоком и HP. Системот е оперативен, а  досега претежно имаше корисници од науката. 

Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски на презентацијата истакна дека идејата на Владата со финансирање  на лабораторијата  е покрај науката нејзините рсурси да ги  користи и приватниот сектор.  

- Убеден сум дека овој суперкомпјутер повеќе ќе го користат компании кои се надвор од секторот информатички технологии и комуникации, пред се  хемиската индустрија, сеизмологијата, земјоделството, медицината, како  сектори на кои што им е потребен ваков суперкомпјутер за да можат да направат модели и претпоставки за нови бизнис решенија.  Идејата на Владата е токму со овие  лаборатории приватниот сектор  да изгради нови додадени вредности во своето работење, коишто ќе бидат за потребите на  граѓаните и на пазарот пошироко, рече Ивановски.

Според него, пресметувањето со високи перформанси се повеќе станува движечка сила не само на современиот научен развој и истражување, туку и на економијата во целост.  Денес, покрај различните економски параметри, степенот на развој на една земја се мери и во користењето и бенефитите од пресметувањето со високи перформанси. Сите најзначајни светски економии, како што се САД, Јапонија, Европската унија и други, во своите краткорочни и среднорочни стратешки цели, на висока позиција го поставуваат користењето на пресметување со високи перформанси, укажа Ивановски.