Груевски: Во 2013 продолжуваме со поддршка на градежништвото

Премиерот Никола Груевски денеска најави дека и во 2013 година ќе продолжи поддршката на градежништвото.  Во новиот буџет за 2013 година предвидени се 10,5 отсто повеќе средства за капитални инвестиции отколку во 2012 година. Предвидени се инвестиции во различни делови, во железница, во локални и регионални патишта, автопатишта и во други инфраструктурни проекти.

- Во овој тежок период на четири ипол годишна светска, економска криза и европска должничка криза, ако на нешто внимававме, тоа е поддршка на градежништвото затоа што прво опфаќа голем број на вработени во него и второ поврзано е со други 26 гранки кои пак сите заедно опфаќаат огромен број на вработени. Нашиот фокус во значајна мера беше посветен на градежништвото. Изнаоѓавме многу проекти, се правеа многу улици, булевари, локални и регионални патишта и делумно автопатишта, изјави Груевски по официјалното отворање на втората делница од реконструираната улица „Козле“ во општина Карпош.

Остануваме фокусирани на градежништвото, потенцира Груевски, индустриска гранка која е исклучително значајна и опфаќа огромен број на работници.

- Таа ангажираност и посветеност им помогна да опстанат во овој период и им помогна да бидат во добра кондиција, да можат да освојуваат и други пазари. Како резулат на тоа зголемено е учеството на странски пазари за околу 147 отсто. Така што тоа е показател дека не само што сме успеале да им помогнеме да опстанат, туку сме успеале да им помогнеме со проектите што ги даваше државата и општините, нагласи Груевски. 

На компаниите им помогнавме, како што рече, за да бидат доволно силни да конкурираат на странските пазари, да освојуваат и да работат. - И на домашен пазар, некогаш како главни изведувачи, некогаш како подизведувачи и на странски пазари, градежниот сектор и градежните компании остануваат во една добра кондиција, истакна Груевски.