Средба на Попоски со Аурелиан Гогулеску, почесен конзул на Република Македонија во Романија

Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска прими  бизнис делегација од градот Плоешти, Романија, предводена од почесниот конзул на Република Македонија во таа земја, Аурелиан Гогулеску, која се наоѓа во дводневна работна посета на Македонија.

Како што соопшти МНР, на средбата со Гогулеску, кој воедно е и претседател на Комората за индустрија и трговија на Прахова, билатералните односи меѓу двете земји беа оценети како пријателски и беше нагласена потребата од зајакнување на економската димензија во билатералната соработка, како и од поангажиран пристап во искористувањето на стопанските потенцијали на двете земји.

- Во оваа смисла, министерот Попоски ја поздрави конкретната иницијатива на почесниот конзул Гогулеску и романската бизнис делегацијата да ја посетат државата, со цел интензивирање на соработката со винарските компании од Република Македонија, стои во соопштението.

Во разговорите, од страна на романските бизнисмени беше истакната подготвеноста за воспоставување деловни контакти и проширување на соработката и во други стопански дејности, од заемен интерес за двете земји, се вели во соопштението од МНР.