Пуштена во употреба втората делница од реконструираната улица „Козле“ во општина Карпош

Премиерот Никола Груевски и скопскиот градоначалник Коце Трајановски денеска ја пуштија во употреба втората делница од реконструираната улица „Козле“ во општина Карпош. Улицата се обновуваше на потегот од крстосницата со улицата „Јуриј Гагарин“ до крстосницата со улицата „Нерешка“.

- Во овој проект градоначалникот на Скопје инвестираше 35 милиони денари. Улицата со децении не беше реконструирана и беше во многу лоша состојба. За граѓаните што живеат тука и што гравитираат во овој крај тоа е значителна работа која ќе им помогне во движењето, ќе им го олесни движењето и безбедноста. Се работи за еден успешен проект на градоначалникот на Скопје, потенцира Груевски.

Градоначалникот Трајановски рече дека улицата „Козле“ е обновена во должина од 850 метри, од делот на улицата која оди кон Жданец се до последната станица на автобусот со број 57.

- Минатата година оваа улица беше реконструирана во должина од 450 метри. При реконструкцијата изваден е целиот асфалт и заменет е тампонскиот дел или основата на оваа улица, така што улицата е целосно реконстуирана. Направена се тротоари и има нова атмосферска канализација по должина на целата улица.  Вредноста на улицата е 35 милони денари, за двете фази или за 1.300 метри  колку што е вкупната должина, рече Трајановски.

Тој посочи дека оваа улица се реконструира на барањето на граѓаните на Козле и додаде оти е задоволен што реконструкцијата на улицата почнала во летниот период и што сега е завршена.

Градежните работи ги изведуваше градежната компанија „Пелагонија - Гостивар“. Со ова околу 20 илјади граѓани на Козле ќе можат да ја користат реконструираната улица.

На новинарско прашање за вчерашниот повик на пратеникот Јани Макрадули за ТВ дуел, Трајановски рече дека задача на пратениците е да зборуваат.

- Мојата задача е да работам. Да ги реализирам проектите кои се во фаза на изработка и кои сум им ги ветил на граѓаните на Скопје. Во таа функција е и овој проект и уште низа други, кои во наредниот период ќе бидат завршени. Преокупиран сум целосно со тоа, а не со други работи, рече Трајановски.