Министерот Сарачини се обрати на состанокот на Мешовитиот комитет на ЦЕФТА во Тирана

Министерот за економија Ваљон Сарачини денеска имаше обраќање на 6. состанок на Мешовитиот комитет на ЦЕФТА во Тирана, Албанија, која годинава е претседавач со ЦЕФТА.

Тема на сосоатнокот беше „Трговија и инвестиции, суштински компоненти на интегрираниот економски раст во ЦЕФТА регионот“.

Како што соопшти Министерството за економија, Сарачини ги претстави бројните владини економски мерки за подобрување на деловната клима во земјата, за што доказ е, рече, рангирањето на Македонија како петти реформатор во светски рамки.

- ЦЕФТА земјите оваа година активно работат на предизвиците и обврските кои произлегуваат од Програмата за имплементација на ЦЕФТА Договорот, како и пристапните преговори што сите ние ги имаме во рамките на Спогодбите за стабилизација и асоцијација со ЕУ. За остварување на економски интегриран раст во регионот потребно е да продолжиме со заеднички и синхронизирани напори да создаваме фер и транспарентни услови во трговијата со стоки и услуги. Во периодот што следи, согласно придобивките од ЦЕФТА, со поддршка на меѓународните организации, неопходно е да ја реафирмираме нашата заложба за дефинирање на аспектите за мониторинг и елиминирање на нетарифните бариери, кои во најголема мерка се административни, посочи Сарачини.

Според него, одделни земји членки, особено последнава година, користат различни видови административни бариери кои предизвикуваат нелојална конкуренција и ја ограничуваат трговијата.

Трговскиот веб портал е оценет како добра алатка за земјите од регионот со која бизнис заедницата на транспарентен начин се запознава со актуелните состојби во трговијата во регионот, а целосната примена на дијагоналната кумулација ќе придонесе кон унапредување на трговијата и поттикнување на инвестициите во регионот.

Министрите на земјите членки на ЦЕФТА оценија дека процесот на ревизија на Пан-евро-медитеранските правила на потекло, претставува значаен напредок во размената на искуства и политики на ЦЕФТА земјите при процесите на регионалната трговија.

Најавувајќи го претседавањето на Република Македонија со два поткомитета во 2013 година, за нетарифни бариери во трговијата и за царински прашања и правила за потекло, министерот Сарачини упати најпозитивни оценки за подготвеноста на ЦЕФТА земјите идната година да пристапат кон почнувањето преговори за либерализација на трговијата со услуги.

- Следејќи го заедничкиот интерес на земјите членки за преговори во приоритетните сектори, сметам дека е од исклучително значење задржувањето на можноста за плуриратерално или билатерално преговарање за специфичните сектори и субсектори. Воедно, би сакал да и посакам успех на Република Хрватска во пристапувањето во ЕУ од средината на идната година. Ние продолжуваме со несмалено темпо да го следиме патот кој го имаме зацртано со ЦЕФТА Договорот, подвлече министерот.

Попладневво ќе бидат усвоени министерски заклучоци и две одлуки кои се само дел од заедничките стратегии на земјите на ЦЕФТА. Утре ќе се одржи министерска конференција на Комитетот за инвестиции во рамки на Регионалниот совет за соработка.