Државата на јавно наддавање ќе продава конфискуван имот од лица осудени за криминал

Прес- конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,

Борбата со корупцијата и организираниот криминал е стратешка определба на Владата на Република Македонија. Се преземаат активности кои значат превенција од криминал, откривање и санкционирање на сторен криминал. На листата на Транспаренси Интернешнл за борба против корупцијата Македонија има напредок за четириесетина места.

Во насока на санкционирање на незаконското постапување особено е значајна димензијата на лишување на сторители на противправна дејност од неправедно стекнатите придобивки во имот, односно конфискација на нелегално стекнат имот, и продажба на истиот со цел надоместување на штетата која е настаната на разни субјекти од незаконските дејства.

На мината седница Владата, на предлог на Агенцијата за управување со одземен имот, одлучи да даде на продажба конфискуван имот. Имотот е претходно конфискуван врз основа на судска пресуда и решение за конфискација. Се работи за следниот имот:
1. Стан на улица Климент Охридски број 23, кат 4, стан 16, во Скопје, со површина од 110 метри квадратни и подрумски простории од 9 квадрати. Според овластениот проценувач Бирото за вештачење се работи за луксузно опремен стан. Станот е конфискуван од Драган Даравелски. Почетната цена за јавното наддавање од страна на Бирото е проценета на 8 394 873 денари.
2. Локал на улица 3 Македонска ударна бригада број 2 во Куманово, со површина од 80 метри квадратни и дворно место од 742 метри квадратни. Станот е конфискуван од Драган Даравелски. Почетната цена на наддавањето ќе од странана бирото е определена на 4 670 643 денари.
Со правосилна судска одлука од 17.05.2007 е констатирано дека Драгана Даравелски го има оштетено Буџетот за 103 милиони денари.
3. Вила на улица Питу Гули број 13 во Скопје, на Водно, со површина од 1800 метри квадратни, и тоа двор 1526 метри квадратни со базен, зграда 251 метар квадратен и помошна зграда од 23 метри квадратни. Вилата е конфискувана од Миодраг Марковиќ. Почетната цена на наддавањето е определена на 82 614 641 денар.
Со правосилна судска одлука од 23.10.2008 е констатирано дека Миодраг Марковиќ го има оштетено Буџетот за 544 милиони денари.

Владата одлучи продажбата на имотот да е со јавно надавање. Претходно Агенцијата за управување со одземен имот ќе го објави местото и времето на јавното наддавање. На потенцијалните купувачи ќе им биде овозможен целосен увид на објектите. Потенцијалниот купувач за да учествува на јавното наддавање ќе треба да уплати 10% од проценетата почетна вредност. Јавното наддавање може да се одржи само ако има најмалку двајца пријавени наддавачи, а се затвора три минути по последната најголема понуда. Понудувачот на највисока цена има обврска во рок од 10 дена да ги уплати средствата за купување во Буџетот на Република Македонија. Потоа ќе следува пренос на сопственоста, од Република Македонија на купувачот, во рок од 8 дена.

Покрај тоа што со оваа продажба на конфискуван имот се враќаат парите во Буџетот и ќе може да се употребат за проекти од интерес за граѓаните како школи, болници, пензии, плати...овој чин има уште една друга значајна порака, а таа е во функција на одвраќање од вршење криминал. Со ваквите активности, лицата кои се одлучуваат на противправно дејствување треба ад бидат свесни дека нема да можат да ги зачуваат своите придобивки или имот кои ги стекнале незаконски со противправно постапување но и дека ќе може да го изгубат целокупниот свој имот. По судската одлука, и по утврдувањето на оштетата, таквиот незаконски стекнат имот, но и имотот кој го стекнале и регуларно ќе биде конфискуван и продаден за да се надомести штетата која е направена од незаконските дејства. Тоа е силна порака на државата кон криминалот, и активност која е во интерес на државата и граѓаните.