Груевски: Изборниот закон е усогласен со ОБСЕ, СДСМ бара алиби за поразот

Реакциите на опозицијата дека во Изборниот закон не се вметнати препораките од ОБСЕ и ОДИХР, според премиерот Никола Груевски, се алиби со кое сака да го оправда поразот на локалните избори.

- Ова што се случува од опозициските партии е алиби за нивниот пораз што следува. Црвенковски е свесен дека ќе загуби на овие локални избори и дека потоа ќе треба да најде некакво оправдување за да остане на функцијата претседател на СДСМ и однапред најавува дека ќе има некакви нерегуларни избори за да може потоа да каже дека тие биле причината што тој ги загубил изборите, а  не затоа што нема поддршка од граѓаните поради политиките што ги води СДСМ и самиот тој, изјави Груевски.

Премиерот рече дека во Изборниот закон се пресликани сите препораки значајни за локалните избори и дека измените се направени откако претходно подолг период за нив е разговарано со претставници на Европската комисија. Додаде и дека Законот бил доставен пред Европската комисија да го објави Извештајот за напредокот на Република Македонија.

- Внесени се сите важни работи кои се значајни за следните локални избори и доколку по нив има нови идеи за подобрување на овој Закон, а особено доколку тоа дојде од Европската комисија, преку дискусија и дебата ќе ги разгледаме со можност да ги усвоиме, рече Груевски.

Тој додаде и дека ако се процени дека има потреба ќе се организира средба на лидерите на политичките партии.