Заштитата од мобинг ќе се уредува со посебен закон

Прес- конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев
    
Почитувани,

Во насока на засилување на правата на работниците и достигнување повисоки стандарди за заштита на правата од работен однос, Владата на Република Македонија на минатата седница зазема став да биде донесен посебен Закон за заштита од психичко вознемирување на работното место или популарно наречен Закон за заштита од мобинг.

На овој начин Владата ја прифати и позитивно одговори на иницијативата на Сојузот на синдикатите за носење на овој закон. Тоа дава до знаење дека функцијата на економско социјалниот совет е продуктивна и дека постои партнерство кое функционира во интерес на граѓаните.

Владата ќе го изготвува законот токму врз основа на предлозите и со силно учество на Синдикатите. Ќе бидат барани мислења и конкретни законски решенија од нив. Ќе бидат консултирани и земени предвид и мислењата на Организацијата на работодавците, а ќе бидат земени предвид и најдобрите практики од Европа за оваа цел. Ќе има и јавна дебата за правење на квалитетен текст на законот.

Владата зазема став и за рамката која треба да биде почитувана при изготвување на законот.
Законот треба да биде предмет на дебата и да биде усогласен и усвоен во рок не подолг од 90 дена. Министерството за труд и социјална политика ќе ги координира активностите за подготовка на законот. Дебатата ќе се води во рамки на економско социјалниот совет.

Како основа за изработка на законот ќе се земат предлозите кои ќе дојдат и ќе се предложат од страна на Синдикатите.
Во законот ќе бидат содржани и разработени и постоечките законски норми кои во еден дел го третираат мобингот, а кои сега се предвидени во Законот за работни односи. Нивното предвидување се покажа позитивно, тие ја постигнаа целта за анимација и заштита во овој период, и сега е потребно унапредување на сферата. Правењето на посебен закон има за цел сеопфатно уредување на материјата, во секој поглед и од секој аспект, а самото правење на посебен закон има за цел да даде и политичка тежина на вниманието кое го има оваа материја од Владата.

Законот ќе важи и за јавниот и за приватниот сектор.

Со законот ќе се предвиди квалификацијата на делото психичко вознемирување на работно место и ќе се предвидат случаите кога се цени дека е извршен мобинг.

Ќе бидат предвидени и санкциони одредби за вршење на мобинг.

Ќе биде претставено правото на заштита и процесот за реализација на тоа право.

Ќе се дефинира и ограничи злоупотребата на овој закон за несоодветно пријавување и останати работи кои ќе бидат дополнително уредени.

Владата очекува дека со овој Закон за заштита од мобинг значително ќе се унапреди сферата на работните односи во Македонија. Тоа ќе овозможи поголема заштита, но и поголема мотивација на работникот за работа, за креација и продуктивност. Со законот ќе се постигне и хармонија во дејствувањето на работодавецот и работникот, но и на самите работници меѓусебно, во насока на остварување на заедничките цели и заедничкиот интерес. Овој закон ќе има позитивна улога во општествениот живот.