Проект на Елпида Хаџи-Василева која ќе ја претставува Македонија на 55. Венециско биенале

Проектот „Кожата е идентитет и површина  за проекција, репрезентација на душата“ на авторката Елпида Хаџи-Василева, поднесен од Националната галерија на Македонија (НГМ), ќе ја претставува Република Македонија на 55. Биенале на уметноста во Венеција, кое ќе се одржува од 1 јуни до 24 ноември 2013 година, на тема „Енциклопедиска палата“.

На конкурсот пристигнале уште пет проекти, а нејзиниот бил избран со едногласна одлука на жирито, составено од историчарите на уметноста Владимир Величковски и Конча Пирковска, и ликовниот уметник Жарко Башески.

Хаџи-Василева (1971) магистрирала скулптура на Кралскиот колеџ во Лондон, учествувала на голем број меѓународни изложби, а сега живее во Брајтон, Велика Британија.

Нејзиниот проект ќе биде деветто претставување на Македонија на престижната манифестација на светската уметност, а шесто на кое институција-носител е НГМ.

- Венециското биенале е едно од најстарите и најпрестижните европски манифестации, скоро непрекината изложба чија константа е постојаната метаморфоза на поставките и случувањата. Секоја втора година уметниците од сите земји на светот на Венециското биенале отворено комуницираат, претставувајќи ги своите уметнички фикции, но истовремено тие ја афирмираат културата и уметноста од земјите од кои доаѓаат, рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на прес-конференција.

Во образложението жирито наведува дека проектот на Хаџи-Василева е концепциски заокружен.

– Нејзината инсталација се карактеризира со разновидна текстура и специфична структурална содржина, која и припаѓа на денес актуелната биоуметност. На непосредно-посреден начин, преку користењето на јагнешката мрежа, Хаџи-Василева ги вклучува видливо-невидливите живи организми, што го прави овој проект посебно значаен и компатибилен со духот на времето, образложи комисијата.

Кустосот од НГМ Ана Франговска појасни дека проектот е мултимедијална презентација за чумата во 14 век во Европа. Ќе има 3Д визуелизација – на подот ќе има видеопроекција за ширењето на смртоносната болест, и скулптури од инпрегнирани кожи, исечени во вид на паноа, кои ќе обликуваат свод. Франговска рече дека авторката често користи органски материјали и кожа од животни – како метафора за кршливоста на телото.

Претстои потрага по соодветен простор во Венеција каде што идната година ќе биде презентиран проектот за Биеналето, зашто Македонија нема свој павилјон во Венеција. Буџетот за претставувањето не е познат до усвојувањето на севкупниот државен буџет за 2013-та и финансиската поддршка од Министерството за култура ќе се знае со објавувањето на Годишната програма за наредната година.