Во Будимпешта договорено првиот состанок на мешовитиот комитет за економска соработка да се одржи во јануари

Министерот за економија Ваљон Сарачини денеска во Будимпешта оствари билатерална средба со Петер Сијарто, државен министер во Кабинетот на унгарскиот премиер за меѓународна соработка и надворешни економски односи.

На состанокот е договорено првата седница на Мешовитиот комитет да се одржи во јануари следната година, а меѓу темите кои ќе се дискутираат ќе бидат подобрување на соработката во областа на енергетиката, минералните суровини, туризмот, градежништвото и образованието.

Поради интересот на бизнисмените од двете држави договорено е на првата седница на Мешовитиот комитет да бидат присутни и претставници од деловната заедница.

Двајцата соговорници разговарале и за економската состојба во двете држави, како и за можностите за унапредување на трговската соработка. Оценето е дека билатералната трговска размена е недоволна и изнесува околу 40 милиони долари. 

Вкупната трговска размена во 2011 година на Македонија со Унгарија учествувала со 0,5 отсто во вкупно остварената трговска размена на Македонија со светот. Покриеноста на увозот со извозот била 16,8 отсто. Во делот на инвестициите, пак, во 2008 година Унгарија го заземала второто, а до 2010 петтото место, додека во последните две  години инвестициите во голема мерка се намалени.

Средбата на министерот Сарачини со Сијарто е во рамки на официјалната посета на владината делегација предводена од премиерот Никола Груевски на Унгарија. Средбата беше одржана по состанокот на македонскиот и унгарскиот премиер Никола Груевски и Виктор Орбан на која двајцата изразија задоволство од формирањето на Мешовитиот комитет.

Во текот на вчерашниот ден, владината делегација учествуваше на бизнис форум во Будимпешта на кој пред 70 претставници на мултинационални компании беа презенитрани инвестициските можности во македонија. Бизнис форумот беше организиран во соработка со Комората на меѓународни компании.