Јанкулоска во Центарот за обука во Идризово ги посети новопримените кандидати за полициски службенци

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска во Центарот за обука во Идризово ги посети новопримените кандидати за полициски службенци.

На овој начин, истакна министерката Јанкулоска, продолжува практиката за пополнување на редовите на полициските ефективи со нови млади луѓе кои се подготвени да одговорат на предизвиците на полициската професија.

Според неа, обуката била добра без никакви проблеми. Кандидатите, како што посочи, се адаптирани на условите во Центарот и ги извршуваат задачите кои им се дадени од нивните старешини односно од обучувачите во Центарот за обука.

- Покрај силната конкуренција и силниот процес на селекција сите кандидати на крајот нема да имаат можност да станат полициски службеници односно и во текот на обуката се одвива еден процес на конкуренција базиран на квалитет, а тоа значи дека 10 проценти од оние кои се регрутирани да ја посетуваат обуката кои ќе имаат најслаби резултати после секој модел на обука ќе отпаднат односно само најдобро рангираните 90 проценти од вкупната бројка ќе склучат договор за работа со МВР, рече Јанкулоска.

Таа потенцира дека практично во историјата на МВР на Република Македонија досега немало ваков процес на селекција каде што навистина квалитетот бил пресуден и во услови на една така силна конкуренција биле издиференцирани токму кандидатите кои постигнале најдобри резултати.

- Се надевам  дека и на крајот после 12 месеци, после завршени различни типови на обука полициските службеници кои ќе склучат договор за работа со МВР ќе бидат оние кои покажуваат најдобри резултати и кои се најдобро мотивирани, додаде Јанкулоска.

На новинарско прашање што со кадрите кои ги продуцира Полициската академија, министерката Јанкулоска со одговор дека ги охрабрува сите што се определиле за професијата полициски службенции да аплицираат за прием без оглед на видот и степенот на образованието како што тоа го направиле 300 примени кандидати кои ќе посетуваат ригорозна обука и настава во текот на една година.