Груевски: Имаме дипломатска иницијатива, СДСМ се фаќа во офсајд ситуации

Продолжуваме со нашите напори да работиме за креирање на подобар амбиент за Република Македонија во Европа во однос на нашите стратешки цели, изјави премиерот Никола Груевски одговарајќи на обвинувањата од СДСМ дека немаат дипломатска иницијативност.

- Го чув тој коментар кога излегував од средбата со премиерот на Чешката Република и се упатував на аеродром за да отпатувам за Будимпешта на средба со унгарскиот премиер, унгарскиот претседател и унгарскиот претседател на Собранието и се чудев како постојано нашите конкуренти се фаќаат со еден фудбалски жаргон кажано во офсајд ситуација. Постојано кога е штетно за нив  ќе го кажат тоа. Во моментот кога бев во две држави за да лобирам за поддршка на Македонија, тие тогаш излегуваат и кажуваат дека не сме имале дипломатска активност. Такви работи и такви офсајди се случуваа многу често и во минатото, истакна Груевски на новинарско прашање по пуштањето во употреба на Домот на културата во населбата Илинден.