Груевски: Имаме пријателски односи со Турција, Ивановски немал намера за навреда

Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски се изразил несоодветно и делумно несоодветно била разбрана изјавата за забраната за емитување турски серии, рече премиерот Никола Груевски.

Одговарајќи на новинарско прашање по посетата на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Кисела Вода и по ажурирањето на своето членство, Груевски оцени дека изјавата на Ивановски била несоодветна.  

- Македонија со Турција има одлични пријателски односи. Турција е наш голем поддржувач, генерално и во меѓународните односи и во секаква смисла. Изјавата на министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски за турските серии беше несоодветна и тој немал намера за навреда.  Очигледно е дека таму има вадење од контекс, во смисла дека ќе бидат забранети турските серии. Тој никогаш нема кажано дека ќе бидат забранети, ниту пак сме помислиле да забрануваме било чии и од која држава и да се серии, рече Груевски.

Тој рече дека разговарал со министерот Ивановски и оти тој му кажал дека несоодветно се изразил и делумно несоодветно бил разбран. 

- Создавањето на домашна продукција е едно прашање, за кое не може Турција да ни биде виновна затоа што ја нема ниту пак било кој друг. Ако не се турските серии ќе бидат некои други. Создавањето домашна продукција е домашна работа, домашен проблем за кој треба ние да си се осврнеме и да се запрашаме зошто ја нема, а не да обвинуваме некој друг затоа што тоа го прави. Во секој случај, се работи за делумно извадена од контекст и за делумно несоодветно искажување на самиот министер кој лично ми кажа дека жали за ситуацијата затоа што несоодветно се изразил и делумно затоа што била излезена од контекст, појасни претседателот на Владата.

На новинарско прашање за поставување на албанско знаме во Кичевско, премиерот Груевски рече дека тоа не го видел и оти таа информација излегла денеска.

- Не сум ја чул изјавата, така што во детали не можам да ја коментирам. Како и да е, доколку такво нешто постои треба да се види дали е согласно Рамковниот договор и во тој контекс да се оцени дали поставувањето на таков јарбол е соодветно законски, или несоодветно и незаконски, рече Груевски.