Од прес-конференцијата на портпаролот Александар Ѓорѓиев

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,

Во насока на овозможување на дополнителна поддршка на бизнис заедницата, особено во делот на транспортниот сектор, Владата одлучи да го продолжи рокот за увоз на товарни возила од категорија N1, N2 и N3, кои ги исполнуваат ЕУРО 3 стандардите, односно камионите за превоз. Новиот рок до кој ќе може да се увезуваат ваков тип на возила е 1 јуни 2013 година. Ова значи можност за регистрација на ваквиот вид на возила кои се внесени во државата и во меѓупросторот од овие две-три недели, како и регистрација на ваквиот вид на возила кои се уште не ги имаат завршено процедурите.

Ова е прифаќање на барање на бизнис заедницата, и оваа мерка дополнително ќе го олесни работењето на фирмите кои товарните возила ги користат за превоз на стоки, односно ги користат како основни средства за работа, што посебно ќе се одрази на оваа гранка, во состојба на европска економска криза, во време кога најголем дел од фирмите не се во можност да набават возила кои би исполнувале ЕУРО 4 стандарди.

На овој начин директно ќе се поддржат транспортните компании, но и градежните компании кои користат ваков вид на возила, а општо и целиот бизнис сектор кој ќе има корист од транспортот со ваквиот вид на возила, а ќе се подобри и безбедноста во сообраќајот на патиштата во државата, како и условите за обнова на возниот парк во стопанскиот сектор.

Ваквата мерка е во корелација со увозот на другите категории на возила, односно увoзот на возилата од категорија М1 (патничките возила) кои го исполнуваат ЕУРО 2 стандардот во период до август 2016 година, и возилата од категорија М2 и М3 (минибуси и автобуси) кои го исполнуваат ЕУРО 2 стандардот кои може да се увезуваат до 28 февруари 2013 година, мерки кои даваат значителни резултати бидејќи последните податоци покажуваат дека возниот парк  е обновен.

Владата го усвои Извештајот за овозможување на реципрочно признавање на возачките дозволи помеѓу Република Македонија и Република Албанија, во случај на престој на граѓаните од една земја во друга.

Ова значи дека по потпишувањето на меѓудржавниот договор, во идниот период македонските граѓани кои согласно законските дефиниции имаат претстој во Република Албанија (за работа, за студирање, друг вид на престој..) нема да имаат обврска за полагање на возачка дозвола во Албанија туку ќе им се смета за важечко полагањето за македонската возачка дозвола, и обратно. Тоа значи дека граѓаните нема да бидат подложени на трошоци за полагање на испити за вадење на албански возачки дозволи.

Има голем број на граѓани кои престојуваат од една земја во друга, согласно законската дефиниција за престојот, особено од пограничните региони, и ова ќе биде значително олеснување за нив.

За оваа цел, ќе биде потпишан и меѓудржавен договор и тоа при посетата на премиерот Груевски на Албанија која е закажана за 23 ноември оваа година.

Република Македонија е во комуникација и со други земји од регионот со цел потпишување на вакви договори и со нив, со цел придонес кон регионалните иницијативи и европската интеграција, а секако во интерес на граѓаните.

При посетата на премиерот Груевски во Албанија, ќе биде потпишан и Договор за отворање на заеднички граничен премин “Џепиште – Требиште“, со што ќе се овозможи и полесна циркулација на граѓаните од двете страни на границата, и поголем степен на соработка во задоволувањето на нивните интереси.

Владата донесе и три кадровски решенија.

Од досегашната позиција на директор на Фондот за здравствено осигурување, на нејзино лично барање се повлекува г-ѓа Маја Парнарџиева Змејкова. Владата го именуваше г-дин Јован Грповски за вршител на должноста директор на Фондот.

На негово барање, поради заминување на друга позиција, од позицијата државен секретар во Министерството за правда се повлекува г-дин Диме Спасов. За нов државен секретар во Министерството за правда Владата го именуваше г-дин Илија Ристовски.

Владата констатираше дека е поминат мандатот на директорот на Управата за животна средина, г-дин Филип Иванов. Владата одлучи за нов директор на Управата да го именува г-дин Игор Трајковски.