Груевски - Бериша: Приоритет економската соработка, иднината на двете земји е во НАТО и ЕУ

 

Односите меѓу Македонија и Албанија се пријателски, со интензивен и континуиран политички дијалог на највисоко ниво, со соработка во голем број области од заемен интерес. Тие можат да се унапредуваат во сите сфери, особено во економската, а двете земји можат да соработуваат во инфраструктурни проекти со цел привлекување странски инвестиции. Скопје и Тирана делат и заедничка визија за членство во Европската унија и НАТО, оценија премиерите на Македонија и на Албанија Никола Груевски и Сали Бериша по денешната средба во Скопје. 

Особено внимание, според нив, треба да се посвети на развојот и унапредувањето на економските односи, со цел полесно справување со економската криза.

 - Разговараме за повеќе проекти во областа на инфраструктурата, патното и железничкото, енергетското поврзување, и заеднички иницијативи за привлекување инвестиции, рече премиерот Груевски.

Во таа насока албанскиот премиер најави дека во текот на наредните две години патниот правец за Тирана преку Дебар ќе се скрати за 100 километри, а преку Струга за еден час. Вети изградба на седум километри пат до преминот Tребиште на македонско-албанската граница. Ја поддржа идејата за изградба на терминал во Струга и најави изградба на прuга од Лими до македонско-албанската граница, за да можат да се транспортираат контејнери со стока до Македонија. 

- Да се разгледуваат сите модалитетити за воспоставување царински режим за сите земји во регионот, онаков каков имаат земјите од ЕУ, додаде Бериша и најави дека за одредени проекти заеднички ќе настапат во Брисел со цел полесно да добијат поддршка.

Двете земји остануваат на ставот дека покрај билатералната соработка треба да бидат ангажирани во развој на регионалната соработка.

- Македонија останува активно ангажирана за унапредување на односите со сите соседи и во насока на регионалната соработка. Сите отворени прашања можат да бидат надминати со заемна конструктивност и дијалог во духот на соработка и добрососедство, врз основа на принципите на почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет, политичката независност и мирното решавање спорови, рече премиерот Груевски.

Македонија и Албанија имаат идентични ставови дека иднината на двете земји е во НАТО и Европската унија, што, како што посочија, е императив за трајна стабилност, безбедност и просперитет на граѓаните.  

- Нашите земји имаат заедничка иднина во Европската унија и НАТО. Албанија го поздравува големиот напредок што го има постигнато Македонија со тоа што ги исполни сите услови за членство во НАТО. Треба да се реши спорот што Македонија го има со јужниот оссед со цел таа да може да го заземе заслуженото место, рече албанскиот премиер.

Тој се осврна и на владината коалиција во Македонија, и притоа истакна дека програмата што тие ја спроведуваат е програма која дава решенија за најголемите проблеми со кои се соочуваат граѓаните.

Запрашан за коментар за најавите на одредени политички кругови за поделба на Косово како трајно решение за тамошните состојби и дали тоа е прифатливо за Албанија, Бериша истакна оти тоа се предлози и сугестии извадени од архивата на Слободан Милошевиќ и оти тие не можат да донесат ништо добро за регионот.

- Да ве потсетам дека во почетокот на деведесеттите години разни испорачувачи на пораки кружеа со разни карти во џебовите за поделба на Косово, и не само на Косово. Меѓутоа сите тие се докажаа како апсурдности. Почитувањето на актуелите граници на Косово е суштински интерес за сите земји во регионот, рече Бериша, додавајќи дека таквите најави се ембрион на сонот кој на Балканот му ги прикажал сите драми и трагедии.

Албанскиот премиер, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека Македонците и секој граѓанин во Албанија имале, имаат и ќе имаат неоспорно право да се образуваат на јазикот на кој сакаат, бидејќи, како што истакна, земјата ги има најдобрите стандарди за образување на малцинствата.

Бериша денеска има средби со претседателот Ѓорге Иванов, со претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, а ќе го посети и Државниот универзитет во Тетово.