Презентирани измените на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност
Осумнаесет месеци наместо пет години пред исполнувањето на услови за старосна пензија ќе можат да примаат надомест од државата лицата кои ќе бидат прогласени за технолошки вишок во компаниите во кои работеле, предвидуваат измените на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност што ги презентираше денеска министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.
Измените, појасни тој, се донесуваат, како што рече, поради злоупотреба на досегашната законска одредба која овозможуваше лицата ваков надоместок да примаат пет години, така што се пријавувале како вработени девет месеци пред да ги исполнат условите за да го добиваат овој надоместок.
- Најголемиот број на лицата пред исполнување на законските услови за стекнување паричен надомест до пензионирање подолг период не биле во работен однос. Тие засноваат работен однос пред да наполнат возраст од 57 односно 59 години најчесто фиктивно во некоја приватна фирма и тоа најчесто на определено време. Со престанокот на работниот однос по истекот на определеното време ги исполнуваат законските услови за остварување на ваков надомест. Лицата, пак, кои се вработиле на неопределено време по истекот на девет месеци се согласуваат да бидат прогласени за технолошки вишок со што повторно го остваруваат правото на ваков надомест, истакна на денешната прес-конференција Ристовски.
Тој додаде дека во најголем број случаи на злоупотребите вработените биле пријавувани на големи суми, со што и надоместоците што подоцна ги добивале од државата биле прилично големи, поради тоа што законската одредба досега предвидувала надоместокот да изнесува од 40 до 50 проценти од платата која што ја земале.
- Целта на измените на Законот е да се влијае на промените на состојбите во насока на пренасочување и зголемување на финансиските средства за активни мерки за вработување, дестимулирање на процесот на отпуштање постари работници и спречување на другите видови злоупотреби на Законот, истакна министерот за труд и социјална политика.
На списокот на Агенцијата за вработување во моментов има 22.802 лица кои примаат ваков надоместок. Месечно за нив од Буџетот се одлеваат по три милиони евра, а годишно околу 36 милиони евра.
Постојното решение во Законот дозволуваше жените со полни 57 и мажите со 59 години да заминат како технолошки вишок и да примаат паричен надоместок од Агенцијата за вработување во наредните пет години се до нивното пензионирање. Новото решение, како што појасни министерот за труд, е направено согласно анализи кои, како што рече, покажуваат дека во ниту една држава во Европа ваков надоместок не се прима подолго од две години.
Измените на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, што Владата ги усвои, треба да бидат прифатени од Собранието до крајот на годината, а од јануари следната година да почнат да се применуваат.