Реакција на прес конференцијата на г-дин Јани Макрадули
Владата на Република Македонија, енергично ги демантира невистините и неоснованите обвинувања за наводно презентирање неточни информации од страна на Владата во поглед на информирањето на јавноста за трошоците на организација на прославата за денот на независноста, кои беа изнесени на денешната прес-конференција од г-дин Јани Макрадули. Истовремено ги осудуваме нискиот тон, навредите, манипулациите и клеветите кои беа изречени од страна на г-дин Макрадули, кои не доликуваат на комуникација и дебата каква што треба да постои во политичкиот простор.
Фактите говорат дека, прво, г-дин Макрадули, денес преку презентирање на официјални податоци, во суштина ја потврди претходно изнесената информација од Владата, во поглед на трошоците за прославата. Износот од 123 000 евра кој беше презентиран од страна на г-дин Макрадули, кореспондира со податокот кој Владата го објави на 9 септември 2011 година, и тој претставува збир на директниот трошок од 90 илјади евра, надополнет со индиректниот трошок за плаќање на даноците по основ на директниот издаток.
Второ, нечесна и неточна е манипулацијата на г-дин Макрадули, со која тој истакнува дека во склоп на трошоците за организација на прославата за независноста треба да се вкалкулира трошокот од 330 000 евра за изработка на униформите на армиските гардисти и армискиот оркестар. Проектот за изработка на нови армиски униформи е започнат со реализација во месец февруари 2010 години, што значи 18 месеци пред прославата, тој е комплетно независен и нема никаква врска со неа.
Оттука беспредметни се тврдењата на г-дин Макрадули, за наводно неточно презентирање на информации од страна на Владата, како и изречената навреда за наводно потценување и мајтапење со граѓаните од страна на Владата.
Сакаме да потенцираме дека прославата на Денот на независноста не беше партиска туку општонародна прослава на духот на победата, слободата и обединувањето на граѓаните, без разлика на нивната различната припадност по разни основи, и не беше организирана од партија туку од Владата.
И на крајот сакаме да потенцираме дека најдобар демант за обвинувањата за наводна нетранспарентност на Владата е денешната прес конференција на г-дин Макрадули, на која тој потврди дека владините институции до кои тие како партија се обратиле, им ги дале информациите кои биле побарани, и тоа врз основа на закон и во транспарентна постапка.