Министерот Сарачини присуствуваше на отворањето нова фабрика за кафе во село Пршовце
Во село Пршовце, општина Теарце денеска свечено беше отворена фабриката за кафе „Нелина кафе“. Новиот стопански субјект е резултат на соработката на браќата Назми и Неџат Лимани со компанијата Корд од Хамбург, Германија.
Со почетокот на првата фаза за печење кафе, во фабриката се отвораат 30 работни места, а со реализација на понатамошните етапи - мелење и производство на екстракти од кафе сопствениците браќата Лимани очекуваат да се отворат вкупно 120 работни места.
- Сакавме да оставиме еден вид белег од нас како постара генерација што била на печалба во странство за генерациите што доаѓаат во нашиот крај, изјави Назми Лимани.
На свеченоста по повод отворањето на новиот стопански субјект присуствуваа министерот за економија Ваљон Сарачини, претседателот на ДУИ Али Ахмети, градоначалникот на општина Теарце Исен Асани, како и повеќе негови колеги од општините во регионот.
- Од економски аспект, ние сме задоволни со оваа инвестиција бидејќи со неа се очекува да се отворат 120 нови работни места, што ќе придонесе за развој на економијата во регионот и пошироко.Овој пример треба да го следат и да ги стимулира инвеститорите и во другите региони на државата, изјави министерот Сарачини.
- Ги информирам другите заинтересирани инвеститори дека нашата општина ќе им овозможи низа поволности доколку инвестираат тука, рече градоначалникот Асани.