Отчет на министерот за локална самоуправа Бејта за првите 100 дена од Владата
Правната рамка за префрлување на овластувањата и ресурсите, фискалната децентрализација, приближување на услугите и институционалните капацитети и учеството на граѓаните, комуникацијата, координацијата, мониторингот и евалуација на политиките на хоризонтално и вертикално ниво, се дел од новата Програма на Министерството за локална самоуправа за спроведување на процесот за децентрализација за периодот 2011-2013, која ја одобри Владата на Република Македонија.
Ова денеска го истакна министерот за локална самоуправа, Невзат Бејта, на средбата со новинарите за активностите на Министерството во првите 100 дена од Владата.
Министерот Бејта ги посочи проектите кои се во реализација, како што се спортската сала во село Зајас, кичевско, реконструкција на училиштето „Реџо Рушити Зајази“, изградба на станицата за филтрирање на вода за пиење во село Добреште, Општина Теарце, основање на заедничкиот технички секретаријат во Куманово, кој ќе се ангажира за меѓугранична соработка меѓу Македонија и Република Косово.
Меѓуграничната програма Македонија - Република Албанија досега, како што рече, реализирала три јавни повици, а во следниот период ќе бидат познати и проектите што ќе се реализираат со средства од ИПА фондовите.
Следните активности и главниот фокус на Министерството за локална самоуправа, според министерот Бејта, ќе бидат развивање на процесот на децентрализација, поголема финансиска стабилност на општините, еднаквиот регионален развој, употребување на средствата од европските фондови и други проекти.