Ставрески: Со флексибилно скроениот буџет Македонија подготвена за сите можни економски сценарија
Задржување позитивни стапки на економски раст, подобрување на економската инфраструктура и одржување висок степен на социјална стабилност, се трите клучни цели на проектираниот буџет за 2012 година, рече денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Образложувајќи го Предлог буџетот за 2012 година пред матичната собраниска Комисија, Ставрески нагласи дека Македонија е подготвена за сите можни сценарија. Доколку европската економија релативно брзо ги надмине актуелните ризици и постигне барем одредена стабилност, тогаш растот на БДП од 4,5 проценти може да биде целосно остварен или надминат.
- Економската и финансиската криза од 2009 година денес прерасна во должничка криза. Уште неколку европски земји, пред се Грција и Италија, се во големи проблеми. Опасноста оваа криза да се прелее врз сите земји во Европа е реална. Тоа значи дека состојбата на европската економија во овој момент и во догледна иднина е серизона. Тоа бара максимална сериозност и максимална внимателност од Владата на РМ и останатите економски субјекти при водењето на економските политики. Во тие рамки, буџетот мора да биде флексибилно скроен за да може да се адаптира на состојбите и ризиците доколку е тоа потребно. Буџетот на РМ за 2012 година содржи елементи на таква флексибилност и адаптабилност. Основниот и најзначајниот амортизер на евентуални удари содржан во предложениот буџет за 2012 година е проекцијата на приходите, потенцира Ставрески.
Инфлацијата е проектирана на 2,5 отсто, девизниот крус ќе биде стабилен, а девизните резерви ќе останат на солидно ниво.
- Главниот фактор на доверба во фискалната политика идната година е одржувањето на буџетскиот дефицит до 3 отсто согласно препораките од Пактот за стабилност и раст на ЕУ. Македонија оди уште еден чекор понатаму. Буџетскиот дефицит ќе биде на пониско ниво, до 2,5 отсто, со што среднорочно, за периодот 2009-2012 година ќе бидеме земја со најнизок просечен буџетски дефицит во Европа, истакна вицепремиерот.
Ваквото ниво на буџетски дефицит овозможува остварување на две цели - на краток рок делување на т.н. автоматски стабилизатори во економијата и буџетот ќе делува антициклично, во фунциција на поддршка на економската активност во услови на криза и потенцијална рецесија во европската економија. Истовремено, на среден рок, одржувањето на умерен буџетски дефицит нема да ги загрози основните цели на фискалната стратегија и на стратегијата за јавен долг, Македонија да остане земја со низок државен долг како што е денес, со ниво на долг од само 26 проценти од БДП што е второ најниско во Европа.
Според Ставрески, главните ризици на фискалната одржливост за 2012 година произлегуваат од состојбите во европската економија.
Буџетот за 2012 година е подготвен врз основа на проектиран раст на економијата од 4,5 отсто кој ќе биде силно поддржан од инвестициите, вклучувајќи ги и капиталните вложувања чие зголемување е 29 отсто. Се предвидува дека потрошувачката ќе биде стабилна, но на повисоко ниво во однос на 2009 и 2010 година. Ова ќе биде поддржано со владините политики за стабилност, пред се преку продолжување со навремената исплата на платите, пензиите и социјалните надоместоци.
Како што напомена министерот, на 1 декември 2012 година ќе се донесе одлука за петпроцентно зголемување на платите, пензиите и социјалните примања.
- Проекцијата за приходите е направена поконзервативно, со пораст на приходите од 5,7 проценти. Соодветно на тоа се димензионирани расходите, рече Ставрески.
Владата е подготвена и ако ескалира состојбата со економската криза.
Буџетот за наредната година е проектиран на 169 милијади денари, приходите се предвидени на 159 милијарди денари, а буџетскиот дефицит е 2,5 проценти од БДП.
Постоечките даноци се задржани на непроменето ниво. Македонија ќе биде со најсниска стапка на персонален данок од 10 проценти и данок на профит од нула проценти доколку профитот се реинвестира или се задржи за подоцнежни инвестиции.
Во рамки на буџетските корисници најголем пораст имаат министерствата за образование, здравство, транспорт и врски, како и Агенцијата за државни патишта. Целта е да се додржи процесот на подобрување на состојбите во училиштата и факултетите и нивната опременост со современи наставни средства, да се дозаокружи купувањето нова здравствена опрема и реконструкцијата на болниците, да се интезивира изградбата слободните економски зони во Скопје, Штип, Тетово, и уште осум градови во Македонија како и да се реализира амбициозната инвестициска програма за изградба и реконструкција на автопати регионални и локални патишта пругата на Коридорот 10 и кон Бугарија, како и да почне проектот за гасификација на РМ.
Во текот на 2012 година во патната и железничка инфраструктура се предвидени инвестиции од 7,5 милијарди денари кои се за 42 проценти повеќе од оние за 2011 година, а во енергетиката и комуналната сфера околу 2 милијарди денари. За уредување на ТИРЗ се предвидени 518 милиони денари, за здравството 2,5 милијарди денари, за образованието, детската заштита и спортот околу 2,4 милијарди денари. зградба и реконстуркција на училишта, сали, домови, универзитети, набавка на лабораторија, за субвенции во земјоделството 130 милиони денари и уште 1,3 милијарда денари за хидросистеми и инвестиции за подобрување на земјоделските стопанства.