Премиерот Никола Груевски оствари средба со шефот на Набљудувачката мисија на ОБСЕ, Џулијан Пил-Јејтс

С О О П Ш Т Е Н И Е

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска(вторник, 15 ноември 2011 година) оствари средба со делегацијата на Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР), предводена од г-дин Џулијан Пил-Јејтс, шеф на Набљудувачката мисија на ОБСЕ за предвремените парламентарни избори одржани на 5 јуни 2011 година.

Соговорниците разменија мислења и ставови околу одржаните предвремени парламентарни избори, и дискутираа за можностите за понатамошно унапредување на изборниот процес.

Премиерот Груевски искажа задоволство од успешно завршените предвремени парламентарни избори, и ја истакна благодарноста до Набљудувачката мисија на ОДИХР, која со своето присуство овозможи да се даде реална и објективна оценка за текот на предизборните активности и самиот чин на изборите, како и за поддршката која што ОДИХР ја даде со учеството во работните групи формирани со одлука на Владата за областите кои во извештајот на ОДИХР за изборите во 2009 година беа нотирани како негативни, а како резултат на заедничките напори на овие избори во истите области беше направен голем прогрес.

Г-дин Пил-Јејтс од името на Делегацијата на ОДИХР истакна задоволство од процесот на одвивањето на предвремените избори, при што оцени дека изборите биле фер и слободни, транспарентни, мирни и добро спроведени на целата територија на земјата. Беше истакнато и уверувањето во капацитетите на државата за организирање на демократски избори по стандардите на ОДИХР, а позитивно беше истакнато и оценето и континуираното подобрување на изборните процеси во последните изборни циклуси, со акцентирање на постојаниот напредок.

Соговорниците разговараа и за можностите, препораките и точките за понатамошно унапредување на квалитетот на изборниот процес, при што беше нагласена спремноста на ОДИХР за понатамошна соработка и користење на нивните искуства во достигнувањето на нови стандарди на изборниот процес, а од страна на македонската Влада беше реафирмирана подготвеноста за преземање на дополнителни активности за подигнување на нивото на изборните процеси, преку сопствена иницијативност и активна консултација со сите засегнати страни во општеството.