Министерката Канческа-Милевска се сретна со легендата во рускиот балет Владимир Васиљев

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска се сретна со светски познатиот кореограф, легендата во рускиот балет, големиот уметник, професор Владимир Викторович Васиљев, водечки танчер во „Бољшој театарот“, како и со уметничкиот директор на „Танц-фест“ Рисима Рисимкин.

Канческа-Милевска изразувајќи задоволство што се сретнала со Васиљев, рече дека тој денеска е во Република Македонија, по повод примањето на големата награда за врвни достигнувања во областа на танцот „Менада“, за која едногласно одлучи Советот на „Танц фест“-Скопје. 

- Го информирав господинот Васиљев за сето она што го инвестираме во културата и уметноста во делот на класичниот, на модерниот балет. Сакам да изразам голема благодарност за неговото присуство во Република Македонија, за она што имавме можност да го размениме околу размислувања за поголемо вклучување и соработка во делот на класичниот балет и со голем број руски кореографи кои може заедно со нашите уметници да направат еден напредок во реализација на некои проекти од оваа област, рече Канческа-Милевска.

Таа му се заблагодари на Васиљев за тоа што дава поддршка на културата и уметноста во Македонија. Го информирав, посочи министерката, дека фестивалот „Танц-фест“ навистина направи многу во унапредување на културата и уметноста поточно во делот на модерниот и класичниот балет.

- Министерството за култура континуирано дава финансиска поддршка на овој фестивал и со потпишувањето на Договорот со уметничкиот директор на „Танц-фест“ Рисима Рисимкин со формирањето на Скопје „Танц-фест“, како една невладина организација прва, која професионално егзистира овде и со потпишување на тој договор и оваа година финансираме два проекти на оваа НВО. Ќе продолжиме со оваа интензивна соработка, истакна Каческа-Милевска.

Таа додаде дека го поканила Власиљев на отворањето на новиот објект на Стариот скопски театар, на првата премиера на 1 септември.

Рускиот кореограф Владимир Викторович Васиљев се заблагодари за поканата да присуствува на „Танц фест“ и изрази надеж дека неговата посета  ќе даде поттик за развој на македонскиот балет.

- Многу е важно човекот додека е жив да му се додели награда, да се оцени целиот негов придонес и уметност, а не само кога тој ќе отиде во странство или ќе си замине. Да се почитува тоа што се има. Многу ми е драго што јас можам да придонесам со овој чекор, што ја оценивте и мојата уметност и мојата заслуга во балетската уметност и тоа што можам да придонесам во развој на македонската уметност, посочи Васиљев.

Уметничкиот директор на „Танц-фест“ Рисима Рисимкин изрази задоволство што Васиљев е во Македонија, посебно, како што рече, бидејќи целиот свет ја знае неговата големина и се има поклонето на нејзината уметност.

- Мене ми е драго што Македонија го има тој сенс да знае кој треба да дојде во Македонија. Сметам дека треба да се поврзуваме само со најдобрите и наjквалитетните луѓе и уметници и на тој начин ќе имаме вистинска поддршка и помош бидејќи секој голем уметник што досега е дојден во Македонија се покажува како извонредна личност, скромна и прекрасна во својата уметност. Денеска ќе имаме повеќе новинари од странство кои сигурно ќе пренесат дека господинот Васиљев беше во Македонија. Веднаш ќе прозвучи една голема промоција на Македонија со неговото присуство тука, додаде Рисимкин.