Министерот Џафери во посета на македонските мировници во Авганистан

Делегација од Министерството за одбрана, предводено од министерот Талат Џафери, во чиј состав е и бригадниот генерал Стојан Димчов, е во посета на мировниците од Армијата на Република Македонија кои се дел од силите ИСАФ,  во Авганистан.

Ова е прва посета на министерот Џафери на македонскиот контингент во ИСАФ од неговото назначување на функцијата министер за одбрана.

Во текот на посетата министерот Џафери, оствари значајна средба со заменик-командантот на ИСАФ, генерал-потполковник Ник Патрик Картер и заменик-најстариот национален претставник на НАТО, Ендру Штајнфилд. На средбата било разговарано за прогресот на демократските процеси во Авганистан, за капацитетите на авганистанските безбедносни сили, како и за планот за транзиција на мисијата.

Како што денеска соопшти МО, на средбата министерот Џафери посочи дека Република Македонија во целост ги поддржува напорите на меѓународната заедница за обезбедување на стабилна и безбедна демократска иднина за Авганистан. Тој истакнал дека нашата држава е подготвена во линија со потребите на Алијансата и со домашните капацитети, да учествува во новата мисија и да продолжи да дава несомнен придонес во унапредувањето на авганистанското општество и по 2014 година.

Покрај средбата со заменик командантот на ИСАФ и заменикот најстар цивилен претставник на НАТО, најавена е и средба на министерот Џафери заедно со делегацијата од МО со мировниците на АРМ на која ќе им изрази благодарност за покажаните знаења, вештини и професионалност во извршување на поставените задачи. Истовремено ќе им даде поддршка тие и понатаму да продолжат да ја градат сликата за Армијата на Република Македонија како еден од темелите на безбедноста и развојот, во глобални рамки.

Во однос на националниот придонес до денес, Република Македонија е еден од најголемите придонесувачи во Авганистан, по глава на жител, со што „де факто“ се потврдува нашата цврста заложба за континуирана демократизација на авганистанското општество, како и за етаблирање на современите вредности на глобално ниво.

Во моментов, во рамки на силите ИСАФ, АРМ учествува со вкупно 153 лица распоредени на повеќе должности – обезбедување на Командата во ИСАФ во Кабул, како и обука на Авганистанската национална армија. Контингенти од Армијата на Република Македонија се дел од силите ИСАФ во Авганистан од 2002 година, кога беа испратени 2 офицери во рамките на турскиот контингент. Бројно, досега дел од овие сили беа 2.329 македонски мировници. Учеството на АРМ во ИСАФ беше првиот придонес на Република Македонија кон мирот и стабилноста надвор од сопствените граници.