Груевски: ММФ ја демантираше опозицијата и кажа дека сме ниско задолжена земја

Позитивниот Извештај на ММФ за Македонија ги демантираше тврдењата на опозицијата и потврди дека земјата е ниско задолжена, рече премиерот Никола Груевски.

- Една година слушавме пропаганда од страна на опозицијата, би рекол од нивни блиски медиуми, како земјата пропаѓа, оди во лош правец, презадолжена е, нестабилна итн. за вчера да дојде претставникот на ММФ и по една недела истражувања да го каже сосема спротивното, односно она што ние постојано го тврдевме, така што јас сум задоволен од нивната мисија и од она што го кажаа, одговори Груевски во врска со Извештајот на светската финансиска институција кој беше презентиран вчера, по посетата на Факултетот за драмски уметности.

Тој посочи дека за време на еднонеделниот престој во Македонија, Мисијата на ММФ ги посети сите значајни институции.

- Разговараше со опозицијата, разговараше и со други релевантни претставници во земјата кои се надвор од државните институции и на крајот даде сумарна оценка која кажува дека Македонија не е високо задолжена земја, дека Македонија е една од помалку задолжените. Тоа не го кажувам јас, го кажува претставникот на ММФ, дека проблемот со ликвидноста, односно со задоцнетите плаќања е надминат, дека банкарскиот и финансискиот систем се стабилни, подвлече премиерот Груевски.