Прилог информации кон посетата на премиерот Никола Груевски и владината делегација на Федеративната Република Бразил

Бразил е индустриски најразвиената земја и економски лидер во Латинска Америка, земја со галопирачки подем и развој, за која во иднина се очекува да прерасне во една од најразвиените и најбогатите земји во светот.


Бразил изобилува со природни богатства, особено рудни богатства (железо, манган, хром, никел), со што се вбројува меѓу најбогатите во светот, потоа пространи тропски прашуми по текот на Амазон, голем хидроенергетски потенцијал и плодно земјиште. Има развиено земјоделство, индустрија, рударство и сектор на услуги, со што ги надминува сите јужно-американски држави, но и ја проширува својата присутност на светските пазари. Од извозните ставки вреди да се истакнат авионите, електричната опрема, автомобили, текстил, етанол, железна руда, челик, кафе, сок од портокал, соја, говедско месо итн.


Вкупен извоз е 256 милијарди американски долари, а увоз е 238 милијарди американски долари.


Вкупната трговска размена со Република Македонија е 70 милиони американски долари, со трговски суфицит на бразилска страна, и постои можност и интерес за зголемување на обемот на трговската размена и балансирање на структурата.


Увозот во Македонија од Бразил го сочинуваат најчесто следните производи: суров шеќер од шеќерна трска, живина (исечена, замрзната), кафе (непржено, со кофеин), тутун целосно или делумно оджилен и друго. Извозот од Македонија во Бразил е во најголема мерка на низжилен тутун.


Правна рамка за регулирање на трговските односи меѓу двете земји се всушност правилата и принципите на Светската трговска организација. Република Македонија стана полноправна членка на СТО на 4 април 2003 година, а Бразил е членка од 1 јануари 1995 година, односно од основањето на Светската трговска организација.


Постојат иницијативи, разговори и консултации за надградување на договорната рамка и потпишување на нови договори за зголемување на соработката.


Република Македонија и Федеративна Република Бразил воспоставија дипломатски односи на 14 октомври 1998 година во Њујорк, под уставното име на нашата држава.