Груевски: Јакнење на политичките и економските односи - цел на посетата на Бразил

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, вчера (понеделник, 22.04.2013 година) оствари средба со потпретседателот на Федеративната Република Бразил, г-дин Мичел Темер.

Двајцата соговорници ги поздравија добрите односи кои владеат помеѓу двете земји и на билатерално и на мултилатерално ниво и изразија подготвеност за нивно продлабочување и унапредување.
 
Соговорниците ја истакнаа својата лична посветеност за ангажман во насока на проширување на полето на соработката во секоја сфера од заеднички интерес. Особено ја акцентираат посветеноста на зголемување на економската соработка за која цел изразија подготвеност за интензивно охрабрување на компаниите од двете земји да реализираат економски проекти и соработка.

Соговорниците ги разгледаа движењата околу прогресот на иницијативата за отворање на дипломатско - конзуларни претставништва на Република Македонија во Бразилија и на Бразил во Скопје. Беше афирмирано дека овој процес треба да биде заокружен во текот на следната година со отворање на амбасадите со што би се овозможило дополнително создавање на нови услови за зацврстување на соработката, но и полесен проток на информации од интерес за субјектите од двете земји и поефикасна комуникација и соработка на државно ниво.

На средбата беше потпишан и Договорот за соработка во областа на образованието помеѓу Република Македонија и Бразил со кој се создава платформа за интензивирање на соработката на полето на образованието и науката помеѓу јавните и приватните универзитети од двете земји, но и се гради основа за развој на систем за размена на студенти, професори, искуства, технологии и знаења во двата правци.

Соговорниците разговараа за можноста за олеснување на визниот режим меѓу двете земји, при што се констатира дека идното и скорешно финиширање на овој процес ќе овозможи подобрување на меѓусебните односи во секоја сфера.

Беа разменети и повеќе други мислења и позиции околу теми и состојби од областа на политиката и економските односи.