Груевски се сретна со бразилскиот министер за надворешни работи Патриота

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, вчера (понеделник, 22.04.2013 година) оствари средба со министерот за надворешни работи на Федеративната Република Бразил, г-дин Антонио Патриота.

Беше разговарано на теми за можностите за продлабочување и интензивирање на економската соработка, трговската размена и соработката на полето на инвестициите, како и унапредување на севкупната соработка во сите сфери од заемен интерес.

Беше афирмирана волјата и заедничката иницијативност за надградување на правната рамка која ќе овозможува подинамична соработка помеѓу двете земји, и беше констатирано дека преку потпишување на повеќе договори од областа на економијата, финансиите и образованието сериозно ќе се унапреди соработката и на државно ниво и на полето на приватната иницијатива помеѓу компаниите од двете земји, за што се преземаат и конкретни мерки.

Беа опфатени теми и за заложбата за воспоставување на меѓупарламентарна соработка помеѓу двете земји на директно парламентарно ниво и соработка на полето на дипломатската едукација на кадри.