Со владина помош за инвестиции во инфраструктурата подобар живот за 25.000 жители на општина Ѓорче Петров

 

Заменик-претседателот на Владата и министер за финансии Зоран Ставрески и градоначалникот на општина Ѓорче Петров Сокол Митревски денеска потпишаа договор за финансирање на проектот „Реконструкција на стари и изградба на нови сервисни улици со сите потребни инсталации“ на територија на таа општина.

Проектот ќе се реализира со кредит од Светската банка во износ од 80 милиони денари, каматна стапка околу 1 процент, рок на отплата од 10 до 12 години, а грејс период од две до три 3 години.

Се очекува видно подобрување на ликот на општината, преку изградба на нови улици и реконструкција на веќе постоечките. Со реконструкцијата ќе бидат опфатени 16 улици во општината, подобрување на атмосферската мрежа и изградба на тротоари.

Нема поголемо задоволство за Владата, рече Ставрески, од потпишување договори кои директно ќе го подобрат животот на граѓаните.

- Проектот е всушност дел од поголемиот проект за поддршка на општинските услуги кои го реализираме со финансиски средства од Светска банка и преку кој општините добиваат извонредно поволни финансиски средства за реализација на инфраструктурни проекти што се од значење за нивниот развој, рече Ставрески.

Тој потенцираше дека досега се вклучени околу 20 општини во овој проект и дел од нив веќе ги искористиле средствата за подобрување на водоводната мрежа, дел за подобрување на енергетската ефикасност и дел за реконструкција на локални улици.

- Ова е најдобар пример за поддршка и соработка меѓу централната и локалната власт, во функција на процесот на децентрализација и секако финансиска помош за општините кои во рана фаза од развојот се уште немаат доволно сопствени финансиски средства и потребно е на ваков начин државата да им помогне, истакна Ставрески.

Доколку ефикасно се реализира овој проект, информираше, се очекува и втор проект за поддршка на општинските услуги кои ќе биде и поголем од првиот.

Ставрески рече дека улиците во Ѓорче Петров не биле реконструирани околу 40 години, немаат добро осветлување и атмосферска канализација. Додаде дека Владата тука нема да запре и ќе продолжи со реализација на разни проекти кои се однесуваат директно во делот на инфраструктурата.

- Ова е потврда дека општината Ѓорче Петров е респектабилна и ценета општина од страна на Владата и овој кредит навистина значи за нас, бидејќи вакви инфраструктурни зафати кои сакаме да ги реализираме наредниот период се ветени во нашата предизборна програма. Оваа поддршка е финализација на ветените проекти, рече Митревски, кој со проектот очекува да се добијат модерни сообраќајници што ќе обезбедат безбедно циркулирање на сообраќајот.

Вкупно 25 илјади граѓани, рече Митревски, ќе бидат „услужени“ со реконструкцијата. Тој информираше дека од овој кредит се добиени 20 отсто гратис и тие средства ќе бидат употребени за доградба на третата фаза на паркот во општината.