Светски ден за сеќавање на жртвите од сообраќајни несреќи - Македонија во редот на сообраќајно загрозени земји

 

Република Македонија, според бројот на сообраќајните незгоди и бројот на настрадани лица, наспроти бројот на жителите, бројот на моторните возила и други параметри, се сврстува во редот на сообраќајно загрозени земји, истакна министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, на денешното одбележување на 20 Ноември - Светскиот ден за сеќавање на жртвите од сообраќајни несреќи, што во организација на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата се одржа на улицата „Македонија“ во Скопје.

На настанот, надополнет со низа активности како штандови со едукативни и информативни материјали, видео бимови со содржини со превентивно-едукативен карактер, како и учество на припадници на МВР односно од сообраќајната полиција, Јанкулоска презентираше дел од статистичките податоци за бројот сообраќајни несреќи и настрадани во текот на изминатата деценија потенцирајќи дека на патиштата низ држава секојдневно се случуваат осум до девет тешки сообраќајки, а речиси секој трет ден животот го губи по едно лице.

Инаку, во рамки на денешното одбележување на Светскиот ден за сеќавање на жртвите од сообраќајни несреќи што се одржува во организација на РСБСП, а во соработка со МВР, партиципираа и невладини организации, Дирекцијата за заштита и спасување, Автомото сојузот на Македонија, Црвениот крст на Република Македонија и други.