Ставрески: Македонија доби заем од 130 милиони евра под одлични услови

 

Македонија доби заем за финансирање на Буџетот за годинава и следната година од Дојче банка, Сити банка и Светска банка во износ од 130 милони евра од кои 100 милиони се гарантирани од страна на Светска банка.

Заемот, со основна каматна стапка од 4,25 проценти, која заедно со вклучените трошоци за еднократна провизија кон Светска банка од 0,5 отсто годишно и трошоците за еднократна провизија од 1,3 проценти кон Дојче банка и Сити банка во моментов изнесува 4,8 отсто, ќе биде отплатен еднократно пет години по денот на  повлекувањето на средствата.

Договорот за заем меѓу Република Македонија, Дојче банка, Сити банка и Светската банка и Договорот за гаранција заснована на политики меѓу Република Македонија и Светската банка беше официјализиран денеска во Министерството за финансии.

- Ова е далеку најдобрата финансиска понуда што можевме да ја добиеме. Со ниската каматна стапка и со поддршката што ја добивме со гаранцијата на Светска банка успеавме да заштедиме меѓу 25 и 30 милиони евра што во камати Република Македонија би морала да ги плати доколку немавме гаранција од Светска банка, рече вицепремиерот Ставрески по потпишувањето на договорите и додаде дека средствата наскоро ќе легнат на сметката на Република Македонија. 

Средствата, посочи, ќе помогнат да се подобри ликвидноста на Буџетот и да се исфинасираат бројните капитални проекти пред се, бидејќи, како што кажа, кај нив е најголемото зголемување на Буџетот за годинава и за идната година.

- Очекувам помал дел од средствата да бидат искористени до крајот на годинава, а повеќето да останат за првите неколку месеци од наредната година. Годинава се реализирани 75 проценти од капиталните инвестиции што е за околу 20 процентни поени повеќе од лани, појасни Ставрески.  

Сосотојбите во светската и европската економија и на пазарот на капитал се прилично сложени и во такви околности, истакна министерот за финансии, Република Македонија излезе на пазарот со цел да обезбеди средства за финансирање на Буџетот за оваа и следната година.

- Со поддршка од Светската банка успеавме да добиеме добра понуда и да ги обезбедиме средствата кои ние се потребини  со извонредни услови. Би сакал да се заблагодарам на Канцеларијата на Светска банка во Скопје и менаџментот на Светска банка во Вашингтон што ни ја понудија  оваа можност наместо буџетска поддршка во износ од 35 милиони долари Република Македонија да го искористи тој простор во функција на гаранција на наше задолжување кај реномирани светски банки, рече Ставрески.

Директорката на Канцеларијата на Светска банка во Македонија Лилија Бурунчук истакна дека гаранцијата ги поддржува реформите кои ќе помогнат во намалувањето на идните ризици за стабилноста преку зајакнување на одржливоста во јавните финансии и отпорноста на финансискиот сектор.

- Гаранцијата заснована на политики се дава на земји кои имаат постигнато  успех на полето на макроекономската политика каква што е и Македонија. Тоа и управувањето со социоекономските реформи ја става Македонија во поповолна позиција во споредба со други земји од регионот, рече Бурунчук.  

Според неа, гаранцијата ја   поддржува и подобрената заштита на најранливите и и овозможува на Владата да позајмува во време на глобалните финансиски превирања под прифатливи услови и од различни финансиски извори.

Претставникот на Дојче банка и Сити банка Бен Добсон нагласи дека разговорите за заемот биле тврди и цврсти, но завршиле на добар начин за многу кратко време.

- Мислам дека ова е вториот заем што Светска банка го доделува врз оснва на договор за гаранција заснована на политики што е особено добро за Република Македонија. Сметам дека е голем успех за Македонија да се потпише ваков договор за заем во моменталните услови кои владеат на пазарите, рече Добсон.