Бизнис форум – австриските инвеститори со позитивни искуства од Македонија
Македонија како поволна бизнис дестинација, премиерот Никола Груевски и владиниот тим во Виена ја претставија пред околу 150 австриски компании кои присуствуваа на Македонско-австрискиот бизнис форум.
- Мојата земја Република Македонија, во изминативе неколку години за многумина се издигна во едно од најпријатните изненадувања и еден од најпозитивните економски примери во Европа. Сепак, за оние кои доволно ги познаваат македонските економски прилики, таквите карактеристики не се воопшто изненадување, рече премиерот Грувски.
Тој, јави известувачот на МИА, им порача на присутните дека многумина веќе ја препознаа Македонија како партнер со кој можат да го оплодат својот капитал и ги повика и тие да ја посетат и да се уверат во поволната бизнис клима.
- Владата во изминатите неколку години презема голем број темелни, сеопфатни и крупни реформи со цел Македонија да се направи земја со најниски даноци во Европа, намалени трошоцие за работење, едни од најлесните процедури за отворање и водење бизнис, држава во која Владата и институциите се вистински партнер и сервис на странските инвеститори....., со неколку зборови спроведовме впечатливи макроекономски и структурни реформи за целокупно подобрување на бизнис климата во земјата, итакна македнскиот премиер.
Посочувајќи дека за кратко време квалитетните економски политики почнаа да ги даваат своите резултати, истакна дека во годините пред кризата Македонија ги имаше најголемите стапки на раст на БДП во својата понова историја од 5 и 6 отсто, со истовремен засилен раст на извозот и зголемен број странски инвестици. - За време на големата светска економска криза, додека големиот број европски бродови беа сериозно разнишани, а дел од нив скоро потопени од големата бура, македонскиот брод остана стабилен и ние поминавме со најмалку можни штети, споредено со многу други држави, потенцира Груевски.
Според него, потврда за добрите резултати пристигна и од Светската банка преку листата на Doing Bussines, најновата проценка од кредитната агенција Fitch, како и последниот извештај на Европската комисија во кој макроекономските показатели на Македонија и понатаму, споредено со регионот, се подобри и тоа не само во поглед на економскиот раст, туку и во однос на нивото на задолженост каде што земјата има најниско ниво.
- Сепак, најдобар доказ и верификација на нашите политики се инвестициите на терен, а таму во последните 4 месеци започна мини инвестициски циклус, при што Џонсон Контролс отвора уште една, втора фабрика во Македонија, а влегоа и инвестициите на Текнохозе од Италија, Кемет Електроникс од САД, Протек Груп од Русија и Мадерсон Груп од Италија, потенцира премиерот пред австриските бизнисмени, кој додаде дека тоа ќе биде мотив повеќе да се продолжи со олеснување на условите за бизнис, со инвестирање во слободните економски зони, патната инфраструктура, но и со инвестирање во млади и стручни кадри кои ќе можат соодветно да одговорат на барањата на компаниите и нивните менаџменти.
Владиниот тим пред австриските стопанственици ги претставија макроекономските индикатори, условите за влез на инвестиции во областа на туризмот, предностите што ги нуди Македонија како поволна бизнис дестинација и она што нудат Технолошко индустриските зони во Македонија.
Според претседателот на Стопанската комора на Австрија Кристоф Лајтл искуствата на компаниите кои веќе инвестирале во Македонија се многу позитивни и ги повика компаниите да ги искористат можностите што ги нуди земјата за инвестирање, а кои според него се најдобар пример како може да се инвестира.
- Македонија е трет реформатор во светот и во последниот извештај на Светска банка го зеде 25. место што значи направила голем чекор напред кој е набљудуван од ЕУ како земја кандидат, изјави Лајтл кој додаде дека Австрија ќе ја поддржи Македонија најдобро што може и оти ги знаат проблемите кои не се економски. Тој потенцира дека Македонија е позитивно прифатена од европското семејство.
На денешниот форум во Виена, австриската компанија Текспорт најави дека во наредната година ќе инвестира еден милион евра во изградба на фабрика за производство на заштитна облека при работа. Фабриката ќе биде лоцирана во Виница, ќе вработува 200 лица, а се очекува да почне со производство на крајот на 2012 година.
Сопственикот Отмар Шнајдер изјави дека земјиштето е купено и оти во текот на зимата ќе се подготвува реализацијата. Ова е трета инвестиција на австриска Текспорт во Македонија. – Почнавме во 1999 година во Скопје со 60 луѓе, сега имаме 200 вработени, во Кочани има околу 200 и во новата инвестиција се очекуваат вработувања од 200 вработени, изјави Шнајдер.
Тој изрази задоволство од условите за работа и од работната сила која е квалификувана за производство на ваква висококвалитетна облека. Производството го пласира главно во Европа, како и во Јужна Америка и Саудиска Арабија.
Според вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, ова е доказ дека стратегијата на Владата за привлекување инвестиции дава резултати. - Овие форуми се користат за воспоставување иницијални контакти, за анимирање на компаниите во државите во кои доаѓаме и за завршување на преговорите или разговорите со компании кои имаат одлучено да инвестираат во Македонија, изјави Пешевски.
Тој потенцира дека новата инветиција била најавена во предизборието. Пешевски посочи дека владиниот тим имаше средби и со други компании во Виена и оти се надева дека вакви позитивни вести ќе има и во иднина.
Пред австриските стопанственици беа претставени потенцијалите за инвестирање, а како сектори во кои може да има соработка беа производство на автомобилски компоненети, енергетка, информатика, текстил, земјоделство...
Австрија е еден од водечките инвеститори во Македонија со прилив на директни инвестиции од 371,9 милиони евра во периодот од 1997 до 2010 година и е на прво место по приливот на странски директни инвестиции од 2005 до 2010 година. Годинава приливот на инвестиции од Австрија изнесува 10 милиони евра. Присутни се во енергетскиот сервис, банкарскиот, осигурувањето, телекомуникациите... Постои голем интерес за влез во енергетскиот сектор, а како целни сектори каде се очекуваат инвестиции од Австрија се автомобилски компоненти, земјоделство и преработка на храна, бизнис услуги и аутсорсинг, фармацевтска индустрија и медицински помагала, обновливи извори на енергија, градежништво и недвижности и туризмот и инфрастрктурата.
Размената со Австрија во првите седум месеци од годинава изнесува 98.004.000 американски долари, со дефицит на македонска страна. Најмногу извезуваме феросиликоманган, плетена и хеклана постелнина, текстил.., а увезуваме месо, ткаенини од памук и други синтентички влакна, производи за исхрана, новинарска хартија во ролни и листови и слично.
Инвестициските можности на земјата владиниот тим ќе продолжи да ги претставува и попладне пред бизнисмените во Германија.
Во рамки на посетата на Австрија, премиерот Груевски се сретна со австрискииот канцелар Врнер Фајман, со претседателот на Стопанската комора на Австраија Кристоф Лајтл, а учествуваше и на 8. Виенски економски форум каде ја доби престижната награда што Форумот ја доделува за придонес кон економскиот развој на национално и регионално ниво на земјите членки на Виенскиот економски форум.