Ќе се изработува систем за синтеза на говор на македонски јазик за слепите и лицата со оштетен слух

 

За една година слепите лица и лицата со оштетен слух во Македонија ќе можат да пребаруваат на Интернет користејќи систем за синтеза на говор на македонски јазик.   

Министерството за информатичко општество  и Факултетот за информациски технологии и компјутерски инжинерство потпишаа Договор за набавка на систем за синтеза на говор на македонски јазик. Системот претставува софтверско решение кое ќе генерира аудио говор на македонски јазик, наменет за слепи лица со оштетен вид при нивната работа со компјутер.

Министерот за информатичко општество Иво Ивановски изјави дека системот чини 20.000 евра, а рокот за негова изработка е една година. Министерството заедно со претставници на Сојузот на слепи лица, во континуитет ќе го следи процесот на изработка на софтверот.

- Ова е дел од проектот кој што беше влезен во програмата на Владата на Република Македонија, еден од проектите дел од Националната стратегија за електронска обученост, изјави министерот Ивановски.

Претставникот на Сојузот на слепи лица ја оцени како значајна оваа новина што беше најавена од министерот за информатичко општество и администрација, бидејќи се реализира по долгогодишно барање на слепите лица. Досега, како што објасни тој, слепите лица во Македонија користеле вакви решенија на други јазици, како бугарски и српски... користејќи читач за англиско говорно подрачје.