Одбележан успехот на тимот наставници од наградениот проект „Бабини игри“
По освоениот Гран-при во Москва на европскиот натпревар што се одржа во март, проектот „Бабини игри“ на пет основни училишта од Македонија во Вашингтон освои второ место на Светскиот форум на „Мајкрософт“, во рамки на глобалната програма „Партнери во учењето“. Наградата е во категоријата „Избор на наставниците“, во која учествувале 115 проекти од 70 земји.
Авторите на проектот ја примија наградата на прогласувањето на најиновативните наставници на 10 ноември во Вашингтон, а нивниот успех денеска им го честитаа министрите Панче Кралев и Иво Ивановски. Тие го потенцираа значењето на информатичката едукација на македонските ученици која се потврдува со вакви високи меѓународни признанија.
Министерот за образование и наука Кралев рече дека наградата е одраз и на целиот образовен систем во Македонија која, како што рече, може да се пофали и со својата традиција.
- Верувам дека овој проект ќе служи како одличен пример за сите наставници во Македонија како на креативен начин информатичките технологии можат да се стават во функција на унапредување на образовниот процес. Ова е многу позитивен проект кој треба да го одвлече вниманието од познатите сајбер-игри, преку креативна употреба на технологијата и да ги оживее традиционалните игри кои биле играни од нашите предци, рече Кралев.
Според министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, наградата докажува дека Македонија има квалитет и дека не е се до квантитетот.
- Ова е најголем доказ за реформите во образованието и воведувањето на ИКТ-технологиите. Ова докажува дека во светот во кој нема географски бариери во користењето на интернетот и технологиите Македонија е рамо до рамо со сите развиени западни земји. Ова е поттик за нас да продолжиме да инвестираме во образованието.... и е поттик за наставниците во Македонија да ја користат опремата. Таа е поставена за идните генерации да стекнат високо знаење со која Македонија ќе биде економија базирана на знаење, рече Ивановски.
Генералниот директор на „Мајкрософт“ за Македонија Илијанчо Гаговски рече дека е сигурен оти оваа награда ќе биде само една од низата добри вести за успеси кои ќе произлезат од програмата на „Мајкорсофт“ - „Партнери во учењето“, која во Македонија се спроведува од декември 2009 година.
- Освојувајќи го второто место во глобална конкуренција, проектот „Бабини игри“ покажа како на иновативен начин може да се спојат играта, информатичките технологии, учењето и традицијата, рече Гаговски.
Носител на проектот е ОУ „Кирил и Методиј“ од Скопје, а учествуваа и скопските „Живко Брајковски“ и „Дитурија“, „Илинден“ од Крива Паланка и „Браќа Рибар“ од Куманово, во соработка со професори од ФИНКИ.
Беа вклучени десетина наставници, а автори-координатори се наставниците Добри Јовевски и Марина Василева. Целта на „Бабини игри“ е да ги поврзе традицијата и современите технолошки достигнувања. Избрани се 12 игри (Јанино, Јанино; Џамија; Плочка; Б’зззз; Завор; Игри со конец; Петкамци; Челик; Кибритче; Мижи баба; Дама; Прстенче ) што биле популарни за бабите кога биле деца, направени се видеозаписи за нив и секоја е во врска со наставните програми. Преку нив децата учат математика, логика, развиваат креативно мислење, тимска работа и решавање проблеми.