Претставен Smart defence - новиот концепт на НАТО
Евро-атлантскиот совет на Македонија во соработка со Министерството за одбрана и амбасадите на Холандија, Велика Британија и на Франција денеска во Скопје организираше јавна промоција на Smart defence - новиот концепт на НАТО, или таканаречена „паметна одбрана“.
Концептот опфаќа три цели, односно развој на поголеми оперативни способности во услови на економска криза, посилна поврзаност и координација меѓу земјите-членки и партнерите и силна обврзаност за придонес во евроатланската безбедност и стабилност.
Според министерот за одбрана Фатмир Бесими, нивното постигнување значи и заедничко инвестирање во безбедноста на иднината. Развојот на поголеми оперативни способности во услови на економска криза, посочи, се наш императив и подготвени сме да ја прифатиме оваа цел, како и останатите две.
- Интеграцијата на Република Македонија во НАТО претставува врвен надворешно-политички приоритет на земјата. За исполнување на таа цел во континуитет се вложуваат долготрајни напори во сите сфери-политички, економски, одбранбени и безбедносни. Македонија ги исполни критериумите за членство во НАТО и е целосно подготвена за преземање на одговорностите и обврските кои произлегуваат од членството, рече Бесими во своето обраќање.
Македонија, посочи, со своите мировници низ светот „де факто“ е членка на НАТО. Бесими истакна дека околу 30 отсто од капацитетите на македонската Армија се интероперативни, односно распоредени надвор од националната територија и најави оти ќе се продолжи со националните подготовки што вклучуваат следење и имплементација на новите капацитети на Алијансата.
- Целите на новиот концепт не се доволни ако не сме определени тие да станат наша обврска. Тие претставуваат рационална насока за евалуација на националните одбрамбени политики и нивно прилагодување кон барањата на идните предизвици, додаде Бесими.
Претседателот на Евроатланскиот совет на Македонија и поранешен министер за одбрана Лазар Еленовски рече дека „Smart defence“ доаѓа како израз на се поголемите тешкотии со кои се соочува Алијансата во градењето на современите воени капацитети.
- Сите држави, па дури и најголемите, располагаат со ограничени ресурси во градењето на нивните воени капацитети. НАТО подразбира заедничко градење на тие капацитети за да може ефикасно да се одговори на се подинамичните промени на безбедносното опкружување. Секој партнер на Алијансата мора да го носи својот дел на товарот. Новиот концепт најпрво подразбира поефикасно искористување на воените буџети со форсирање на мултинационалниот концепт, истакна Еленовски.
Според британскиот амбасадор Кристофер Ивон, новиот концепт за Македонија доаѓа во вистинско време и го истакнува интересот на земјата во стратешкиот концепт на НАТО и развојот и случувањата во рамки на Алијансата.
- Кога Македонија ќе стане членка на НАТО, ќе биде подготвена и ќе има подлабоко разбирање во однос на насоката во која се движи пошироката политика на Алијансата, додаде Ивон.
Новиот концепт на НАТО го претстави генералниот секретар на Алијансата Андерс Фог Расмусен годинава на Минхенска безбедносна конференција.