Во рамки на акцијата „Ден на дрвото“, засадени 17 садници пред Зоолошката градина

 

Министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска и градоначалниците на Скопје, Центар, Аеродром, Гази Баба, Бутел и Ѓорче Петров Коце Трајановски, Владимир Тодоровиќ, Ивица Коневски, Тони Трајковски, Петре Латиновски и Сокол Митровски денеска засадија 17 садници, јапонски цреши и лириодендрон пред Зоолошката градина.

- Од големо значење е целата иницијатива на градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски, заедно со сите градоначалници да дадеме придонес во пошумувањето на Скопје, за подобро и поубаво Скопје и за подобра иднина, рече Канческа - Милевска.

Таа истакна дека е почестена што е дел од акцијата „Ден на дрвото - засади ја својата иднина!“ и што има можност да засади неколку дрвца.

- Со садењето на овие садници, Град Скопје се вклучува во акцијата „Ден на дрвото“. Град Скопје набави 2.000 квалитетни садници од Холандија, кои ги садиме по булеварите на Скопје и во паркот во општина Аеродром, рече Трајановски.

Тој потсети дека од 2009 година досега Град Скопје има засадено 40.000 дрвца, од кои дел се донирани на куќни совети, на месни заедници и на општини и додаде оти ЈП „Паркови и зеленило“ сади од овие дрвца.

- Нашето мото е за секое исечено дрво за реконструкција на булеварите да посадиме најмалку 10 нови дрвја. Нашата девиза е 10 за едно, потенцира Трајановски.

Одговарајќи на новинарски прашања, Трајановски рече дека за сплавовите на Вардар досега има тројца пријавени кандидати.

- Треба да разгледаме дали тие ги исполнуваат условите кои се бараат и јавноста ќе биде известена за резултатите од конкурсот, рече Трајановски.