Инвестициските можности ќе се презентираат во Минхен

Владиниот тим предвоен од премиеот Никола Груевски денеска можностите и условите за инвестирање во Република Македонија ќе ги претстави пред германските стопанственици во Минхен. Ќе бидат претставени активностите што ги презема Владата за подобрување на бизнис климата, поволностите што ги нудат технолошко-индустриските зони, макроекономските индикатори, проектите и секторите во кои може да се инвестира, како и активностите за промоција на Македонија како добра дестинација за инвестирање.

Како целни сектори каде се очекуваат инвестиции од германските компании, јави известувачот на МИА, се инвестиции во производството на автомобилски компоненти, информатичко-комуникациска технологија, земјоделство и преработка на храна, бизнис услуги, фармацевтска индустрија и медицински помагала, енергетика и обновливи извори на енергија, туризам, градежништво и инфраструктура. 
 
Германските странски директни инвестиции заклучно со 2010 година изнесуваат 71.370.000 евра или 2,98 отсто од вкупните странски директни инвестиции во Македонија. Годинава инвестирани се 0,11 милиони евра. Најголемиот дел влезот на капиталот е остварен преку приватизација и постприватизација главно во текстилната индустрија, металопреработувачката индустрија и во транспортот. 
 
За промовирање на Македонија како привлечна дестинација за инвестирање по примерот на најуспешните земји во светот во Германија има назначено два економски промотора, а во Австрија еден.
 
Германија е еден од најзначајните трговски партнери на Македонија и во 2010 и од почетокот на оваа година таа е на прво место на листата со кои Македонија остварува најголем обем на трговска размена. Вкупната размена годинава е 1.110.150.000 американски долари, со суфицит на македонска страна. Најмногу извезуваме катализатори на носачи со благородни метали, машинки и апарати за филтрирање и пречистување течности или гасови, текстилни производи, фероникел, вино од свежо грозје..., а увезуваме моторни возила, хемиски производи и деривати, ќерамички производи, рентген апарати за медицинска намена, ...
 
Инвестициските можности на Македонија ќе бидат претставени и на Бизнис форум во Дизелдорф.

За време на престојот во Германија премиерот Груевски се сретна со министерот за европски интеграции на Баварија Емилија Милер, а утре ќе има средби и со директорот на Источноевропскиот комитет за економска соработка Рајнер Линднер.

Премиерот Груевски е придружуван од вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, министерот без ресор Веле Самак, директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот Висар Фида и директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо.