Македонија ќе биде разеленета со уште 5,7 милиони дрвца

 

Под мотото „Садиме денес-пишуваме и праќаме писмо на мирот“ денеска на 400 локации низ Македонија ќе бидат засадени 5,7 милиони садници во рамки на есенската акција „Ден на дрвото - засади ја својата иднина!“.

Во осмата акција дрвца ќе бидат засадени во близина на населените места, природните и вештачките езера, во националните паркови и покрај регионалните и локалните патишта.

Водечкиот настан на кампањата е „Писмото на љубовта, почитта и пријателството - засади мир, пријателство и љубов“.

Писмото, како што информира организацискиот одбор на акцијата, содржи недвосмислена и јасна порака дека преку засадувањето иднина со свои раце ќе кажеме дека засадуваме не само дрвца, туку и пријателство, добрососедство, толеранција и взаемна почит.

- Писмото е повик за масовно заедништво во кое преку чинот на лично учество во акцијата со свои раце, со едно срце, ќе засадиме иднина за нас и за светот. Писмото е силна порака дека не дозволуваме да бидеме обезимени и не би дозволиле таква неправда да биде нанесена никому, не само нам, објаснуваат организаторите.

Во знак на согласност со Писмото, граѓаните денеска ќе можат да се потпишат во тетратки кои по одржувањето на акцијата ќе бидат испратени до Обединетите нации и до Европската комисија.

За помасовно учество во акцијата Владата го прогласи денешниот ден за неработен, што ќе се одработи в сабота на 26 ноември.

Акцијата во неделата симболично ја почнаа премиерот Никола Груевски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски со засадување дрвца во центарот на Скопје, завчера дрвца садеа амбасадорите на странските земји во Република Македонија и претставници на верските заедници. Во разеленувањето на државата вчера се вклучи и претседателот Ѓорге Иванов со садење садници во Градскиот парк во Велес.

Осмата акција за садење дрвца е во духот на прославата на светскиот настан наречен „Година на дрвото“ прогласена од Обединетите нациии.

Во изминатите седум акции засадени се 38 милиони стебла, а со оваа вкупно ќе бидат насадени околу 44 милиони садници.

Првата акција „Ден на дрвото - засади ја својата иднина!“ беше спроведена на 12 март 2008 година кога беа засадени два милиона дрва.