Делегација од грчката општина Кукуш, заедно министерот Кралев и градоначалникот на Дојран засади дрвца на ГП Дојран
Во акцијата „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“ традиционално и годинава во општина Дојран учествуваше и гостинска делегација од општина Кукуш, Грција.
Гостите од соседството, Анастасиос Аманатидис и Панос Амиридис заедно со градоначалникот на општина Дојран Глигор Чабулев, и министерот за образование и наука Панче Кралев, засадија дрвца на Граничниот премин Дојран и на локалитетот кај Калдрмата во Нов Дојран.
- Денешната акција е повод да засадиме заедно дрвца на пријателство, но и можност да се зближуваме преку заедничките проекти кои се во подготовка, изјави градоначалникот на општина Дојран Глигор Чабулев.
- Задоволство ми е да се приклучам кон акцијата за пошумување, која започна пред неколку години низ цела Македонија, а со бројната масовност од страна на граѓаните целосно се оправдани заложбите за подобра еколошка и животна средина за сите нас, изјави Кралев при учеството во акцијата за пошумување во Дојран.
Министерот Кралев заедно со градоначалникот на општината Чабулев разговараше и за проектот за изградба на ново училиште во Стар Дојран, за кој веќе е завршена тендерската постапка, а со електронското јавно наддавање извршен е изборот на најповолната понуда и се очекува за десетина дена да започне изградбата на новата училишна зграда.
Тој прошета и низ новоизградената пешашка патека во Стар Дојран каде деновиве пред почетокот на акцијата за пошумување беше извршено садење на 500 дрвца од типот „туји“ и "хамаципарис", поставени во новоизградените 50 жардињери долж новата пешачка патека и централниот градски плоштад.
Годинава со акцијата ќе биде разеленет теренот од два хектари во шумско стопанската единица Карабалија, оддел 65 и 66, на локациите кај Калдрмата и на теренот на Граничниот премин Дојран со нови 10.000 садници на чемпрес, јасен, бор и багрем обезбедени од Шумското стопанство „Кожув“ од Гевгелија.